27.09.2012, 16:38 Леб нема да ја брани титулата в година
Намалувањето на трошоците во Ситроен директно се одрази врз амбициите на осумкратниот првак
Осумкратниот светски шампион во рели Себастијан Леб, кој ита кон својата рекордна деветта титула во низа, нема да вози во сите трки следната сезона, соопшти неговиот тим Ситроен.
„По осум, наскоро веројатно и девет светски титули во низа, Себастијан Леб и копилотот Даниел Елена нема да ја бранат титулата во 2013 година“, стои во соопштението. Тие ќе имаат само делумна тркачка програма наредната година, стартувајќи на легендарното рели во Монте Карло, кое ќе ја отвори сезоната 2013 меѓу 15 и 20 јануари“.
Французинот на возраст од 38 години, кој отсекогаш велел дека сака да се повлече од релито кога е на врвот, води во вкупниот поредок од годинашниот шампионат со 219 бода, 61 повеќе од својот тимски колега од Ситроен, Мико Хирвонен од Финска, а до крајот има уште три трки. Леб, кој има 74 победи во кариерата, ќе продолжи да се натпреварува за Ситроен, кој договори партнерство со Абу Даби за да ги намали своите трошоци, дообјасни францускиот автопроизводител
„Во овие тешки економски времиња ’Ситроен‘ зазеде став дека е есенцијално за него да остане во мотоспортот. Во исто време, од еднаква важност беше да се најде начин за редуцирање на финансискиот придонес на брендот во оперативните трошоци на тимот“.
ПСА „Пежо-Ситроен“ во јули ги објави своите планови за реструктурирање, кои опфаќаат кратење на 8.000 работни места и затворање на една од своите најголеми фабрики во Франција.
„Во овој контекст, ние сме посебно горди да му посакаме добредојде на Абу Даби“, изјави првиот човек на тркачкиот тим на „Ситроен“, Ив Матон. „Ова партнерство ќе ни овозможи да продолжиме со нашата програма и да учествуваме со три ДРС3 во Светскиот шампионат во рели во 2013 година“.
Ситроен освои седум екипни титули со Леб, чиишто осум титули во низа се рекорд во сите видови мотонатпреварувања. Својот прв триумф во трка Французинот го оствари во 2002 година во Германија, каде што има забележано девет победи, што е рекорд на една рели трка.
Леб, кој ги комбинира агресивниот стил со научниот и ефикасен пристап кон возењето, со години е една од најпопуларните личности во францускиот спорт. Прифатен од јавноста како едноставен, чесен и вреден човек, тој три пати беше избиран за омилена спортска личност во Франција во гласањето што се врши секоја година во организација на весникот „Л’екип“.
Леб формира свој тим со пријател и претходно годинава успешно се натпреваруваше во Купот „Порше Матмут Карера“, во кој учествуваат само германски спортски возила.
„Релито претставува голем дел од мојот живот, нешто што секогаш ќе го сакам и токму од тие причини ќе продолжам со тоа“, изјави тој тогаш. „Но, во годините што доаѓаат, кога ќе имам малку повеќе слободно време, сакам да откријам нов универзум“.
Леб, кој има и две учества на „Ле Ман“, размислува да учествува и во Светскиот туринг шампионат во 2014 година со Ситроен, додава компанијата.
|