09.03.2012, 17:31 Институциите да ја вратат безбедноста на улиците
Собранискиот Комитет го повика МВР да ги расчисти инцидентите, за кои министерката апелираше да не се ставаат во контекст на меѓуетничките односи
Министерството за внатрешни работи и другите институциите да ги преземат сите мерки за расчистување на серијата инциденти што се случија последниот период. Ова е поентата од вчерашната вонредна седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, на која присуствуваа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заменик-министерот Џелал Бајрами и претставници на меѓународните организации и странски амбасади во земјава. Министерката Јанкулоска апелираше за намалување на напнатоста и истакна дека овие насилнички инциденти не смеат да се ставаат во етнички контекст, бидејќи меѓу повредените има лица од сите етнички заедници.
„Во изминатиот период бевме сведоци на неодговорни изјави кои поттикнуваа насилство или информации пласирани во јавноста кои не кореспондираат со вистината. Практиката покажа дека таквото однесување може да резултира со насилство кое може да има и трагични последици“, истакна Јанкуловска. Таа убедуваше дека МВР веќе работи на разоткривање на сторителите на инцидентите и дека веќе имало лица кои се под сомнение дека се вмешани во тепачките.
Меѓутоа, фактот што го изнесе и самата министерка дека од почетокот на годинава се случиле 25 инциденти со четириесетина повредени, меѓу кои не влегуваат последниве настани, беше доволна причина членовите на Комитетот да побараат МВР сериозно да работи на подигнување на нивото на безбедноста во државава.
Претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците, Ермира Мехмети-Деваја, рече дека сега не е време за демагогии, убави и силни говори, туку за преземање конкретни мерки.
„Институциите итно да одговорат дали се подготвени да го вратат мирот и безбедноста во државата, бидејќи одговорноста ќе биде наша доколку не успееме да го донесеме редот во државата. Кога граѓаните почнуваат да ја земаат правдата во свои раце, тогаш е крајно време институциите да преземат конкретни потези“, истакна Мехмети-Деваја.
Во ист тон говореше и нејзиниот сопартиец Џеват Адеми, кој побара МВР да демонстрира капацитет и да ги открие злосторниците, за да не се дозволи да се доведе во прашање довербата на граѓаните во МВР.
Жестоки реакции предизвика настапот на Орхан Ибраими од ДПА, кој во говор полн со национализам, обвини дека Македонците ги тероризирале Албанците, дека се под постојан притисок на протерување, дури и на физички ликвидации, а дека македонските медиуми ширеле отровен национализам. Тој рече и дека главен инспиратор и конструктор на насилствата е Владата, која, според него, ги поттикнува овие насилства. На ова остро реагираше Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, која неговиот настап го оцени како говор на омраза. Таа рече дека, наместо сериозно да разговараат, пратениците од ДПА ги злоупотребуваат случувањата за пресметка со нивниот политички опонент и добивање ситни поени. (Св.У.) |