09.03.2012, 17:33 Тепачките продолжуваат, 30 лица повикани во полиција
Министерството за образование ги осуди инцидентите во автобусите
Даниела Трпчевска
Триесетина лица се повикани во полиција поради инцидентите кои се случија во автобуси на ЈСП во главниот град. Според помошник-министерот за информирање Иво Котевски, се очекува тие да бидат соочени со сведоците со цел да се расветлат инцидентите. Разрешница, според него, има за два инциденти – овој во Тетово, каде што беше пресретнато скопско комбе и тетовец им се заканувал на патниците, како и за кршењето на 10 возила на паркинг во скопската населба Ченто. Во првиот случај заканувачот е идентификуван, тој е повикан во полиција и против него ќе биде поднесена пријава. Што се однесува до инцидентот во Ченто, повикани се пет деца со нивните родители на разговори во МВР. Сознанијата се дека тие учествувале во вандалскиот чин.
Според полицијата, инцидентот се случил околу 22 часот зад бензинската на „Макпетрол“, кога петмината малолетници на возраст од 14 до 16 години ги искршиле ретровизорите на 10 возила.
Посериозен инцидент се случил еден час подоцна на булеварот „Црвена армија” во близина на стадионот „Македонија”. Шест до седум лица со дрвени предмети, метални прачки и ножеви нападнале двајца браќа од Скопје. Ги удирале кај што стигнале, по што момчињата се пренесени во Ургентниот центар, каде што се задржани на лекување.
Вчера продолжија и инцидентите во Тетово. Минувајќи по булеварот „Илинденска” кај Основниот суд во Тетово, 17-годишен тетовец бил нападнат од тројца и претепан. Според информации од СВР-Тетово, настанот се случил завчера околу 20 часот. Момчето било следено, па потоа еден од тројцата напаѓачи му побарал запалка за цигара. Откако им рекол дека нема, тројцата го претепале нанесувајќи му удари со тупаници и клоци по главата и телото. Повредениот побарал помош во Клиничката болница во Тетово.
Завчера пак, тетовец со „опел кадет” им го пресекол патот на скопјани кои се превезувале во комбе. На тројцата патници им се заканувал со пиштол, навредувајќи и пцуејќи ги, со закана повеќе да не доаѓаат во Тетово. „Ова е одмазда зашто вие скопјани ги тепате Албанците во Скопје”, им рекол заканувачот. Против него ќе биде поднесена пријава.
Министерот за образование Панче Кралев ги осуди инцидентите и рече:
„Апелираме да се воздржи кој било граѓанин од каков било акт на насилство. Ги осудуваме сите инциденти кои вклучуваат насилство, било да се во училишните дворови или надвор“. |