09.03.2012, 18:06 СДСМ во пет до 12, ВМРО-ДПМНЕ во 12 и пет
Партиите се растрчаа низ градовите на тригодишнината од локалните избори. Едните малку подранија, другите малку задоцнија...
Билјана Ангеловска
Опозицијата во пет до 12, власта во 12 и пет. Двете најголеми партии во државата вчера повторно ги вкрстија копјата одржувајќи серија истовремени прес-конференции во повеќето општини. Сепак, како и досега, не успеаја да се сретнат, бидејќи едните поранија, а другите задоцнија.
Опозицискиот СДСМ им се обрати на граѓаните во пет минути пред 12 часот сакајќи симболично да ја означи последната година пред локалните избори и да порача дека е краен момент да се стори нешто за „спас на македонските општини од неодговорните политики и функционери на ВМРО-ДПМНЕ“. Според опозиционерите, заштитен знак на секој град во Македонија стана безидејноста, корупцијата, лажните ветувања и самобендисаноста на вмровските функционери, поради што денеска, три години подоцна градовите се соочуваат со комунални проблеми, недостиг од училишта и градинки, сиромаштија. СДСМ им нуди на граѓаните, како што рекоа, алтернатива на погрешните политики на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, односно решавање на сите горливи проблеми на граѓаните.
„Апсолутно сме свесни дека природата на демократијата се различните мислења и натпреварот на ставовите“, вратија од владејачката партија потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ верува дека принципите на посветеност и отчетност во работењето се стандардите кои треба да ја водат секоја личност. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, рече дека работата на нивните градоначалници се сведува на остварување на целите за создавање подобри услови за живот на секој граѓанин. „СДСМ треба да сфати дека граѓаните не даваат поддршка на политика која се базира на критика на работата на другите“, му одговори Спасеноски на Георгиев.
Според СДСМ, за седум години од владеењето на Владимир Талески, Битола од втор економски и универзитетски град стана последно место за бизнис и високо образование, дека општинскиот имот се раскрчмува на сомнителни тендери, а непотизмот и партиските вработувања станаа практика. СДСМ го прашаа првиот човек на Ресен, Михаил Волкановски, каде е ветениот откупно-дистрибутивен центар, зошто граѓаните немаат вода среде зима, зошто нема пари за превоз на учениците. Од градоначалникот на Гевгелија, пак, побараа одговорност поради загрозената безбедност во градот, во кој, како што велат од СДСМ, владее корупција, криминал и рекетирање на фирмите. Сметаа дека Свети Николе живее во малограѓанско сивило, без инвестиции и шанси за развој. „Станавме бугарска општина, речиси нема фамилија без бугарски пасош. Не бевме печалбари, а сега сите заминуваат благодарение на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Лесно е да нашминкаш неколку згради и да закрпиш дупки на улица, но народот сака пари, живејачка“, беше речено на прес-конференцијата на СДСМ во Свети Николе.
„Вевчани ја живее одмаздата на лошите ученици, а вевчанското образование повторува 6 години, иако 180 години беше наша гордост“, рекоа вевчанските социјалдемократи и потенцираа дека поради нарушените меѓучовечки односи, големиот број партиски вработувања, големиот долг, Општината „турбо ита во рикверц“.
„Зад работата на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ стојат видливи и мерливи дела“, рекоа во ВМРО-ДПМНЕ набројувајќи што се' е изградено во текот на овие три години: изградени и реконструирани вкупно 610 улици низ цела држава, поправени 100-ина училишта, изградени над 100 километри пешачки патеки, 230 километри канализациска мрежа... |