09.03.2012, 18:04 Никој не знае колку гласачи има во Македонија !
Гласачкото тело никако да се преброи: ОБСЕ располага со бројка од 1,4 милиони кои имаат биометриски лични карти, а МВР со 1,6 милиони
Жаклина Хаџи-Зафирова
На една година пред локалните избори, Македонија повторно се пребројува. И повторно ниту една од државните институции не може да каже колкав е точно бројот на гласачи во Избирачкиот список, односно колку граѓани имаат право на глас. Според информациите што ги презентираше ОБСЕ, досега 1,4 милиони граѓани ги ажурирале личните документи, иако официјалната бројка на МВР е поголема. Претставници на МВР велат дека во нивната база на податоци бројката на оние кои имаат важечки лични документи се движи меѓу 1,6 и 1,7 милиони. Членови на Државната Изборна Комисија нагласија дека цели пет години службите за матична евиденција во одредени региони не доставувале информации за починати лица, што дополнително фрла сомнеж колку е валиден Избирачкиот список, за што јавно не прозваа од ОБСЕ/ОДИХР, со коментар „како е можно во земја од 2 милиони жители да има 1,8 милиони гласачи“?
Дилемите како да се прочисти Избирачкиот список беа тема на вчерашниот конститутивен состанок на работната група формирана од Секторот за европски прашања во Владата, согласно препораките од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори 2011 година.
Бедредин Ибраими од Државната Изборна комисија излезе со конкретен предлог - Министерството за правда, во соработка со службите за матична евиденција, да направат проверка на сите починати лица во рок од 15 дена и тоа во периодот од 2006 до 2011 година. Втората фаза, според него, треба да го опфати перидот 2000-2005 и така се до 1950 година. Неговите прогнози се дека за 2,5 месеци ќе добиеме прочистен Избирачки список. „Имаме матични служби кои не соработуваат и не испраќаат податоци за починати лица во претходните пет години во одредени региони од државата“, рече Ибраими.
Мауро Калво, офицер за демократизација и избори од ОБСЕ, цитираше бројки од МВР според кои повеќе од 1,4 милиони жители имаат биометриски лични карти, односно веќе ги обновиле документите. Тој смета дека фокусот треба да се стави на оние 400 илјади колку што е разликата со 1, 8 регистрирани гласачи. Финалната цел на работната група, како што рече, е да се изгради доверба во Избирачкиот список. „Проверката на Избирачкиот список, вели Мауро, би ги потврдиле неточностите, ако ги има“.
Јани Макрадули од СДСМ смета дека партиите треба активно да се вклучат во мониторирање на целиот процес. Но, она што е битно, според него, пред се', е да се донесе политичка одлука дали ќе има или не попис, што според препораките на ОБСЕ е врзано со прочистувањето на Избирачкиот список. Дарко Алексов од „Мост“ нагласи дека покрај административната проверка, мора да има и теренска, за што се понуди дека може да помогнат. |