Фудбалот и Анелка станаa државна афера во Франција
Патри Евра спречил тепачка меѓу Анелка и Доменек, но тврди дека проблем е неоткриен кодош што ја урива атмосферата
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Париз - Никола Анелка ги пакува куферите неколку дена пред неговите досегашни соиграчи, исклучен од селекцијата од страна на Француската фудбалска федерација (ФФФ). Неговото исклучување од репрезентацијата предизвика лавина на реакции како на спортски, така и на политички план во Франција.
Лично претседателот Никола Саркози кој е во посета на Русија оцени дека не е тој што треба да зборува за случајот, бидејќи во спорот, како и во животот има порази, тој не сака да суди, „но ако тоа што е пренесено во печатот е вистина, то�� е неприфатливо, неприфатливо“, беа зборовите на Саркози. Францускиот претседател има доверба во средувањето на оваа афера во надлежност на министерката за Здравство и спорт Розлин Башло.
Министерката за Здравство и Спорт, која престојува заедно со француската репрезентација во Јужна Африка ги повика играчите на селекцијата да се однесуваат со „воздржаност и достојност“. Министерката за спорт, која се обиде да ги заштити своите играчи по срамниот пораз против Мексико, во коминикето нагласува дека „силниот притисок кој се врши врз триколорите не го оправдува недоличното однесување. „Играчите кои се повикани да го носат дресот со боите на Франција и кои претставуваат модел за многу млади, ги обврзува да се однесуваат со воздржаност и достојно“ – пишува Розлин Башло.
Аферата Анелка се најде на првите страници на францускиот печат, откако спортскиот весник „Л’Екип“ објави дека играчот на Челзи на полувремето на средбата меѓу Франција и Мексико го навредил селекционерот Рејмонд Доменек со многу непријатни и вулгарни зборови. Инцидентот се случил откако селекторот побарал да ги почитува неговите инструкции за играта, јавува дописникот на МИА од Париз.
Анелка не се појави во второто полувреме на средбата која Франција ја загуби со 2:0 од Мексико, губејќи ги шансите да се квалификува за понатамошниот тек на натпреварувањето. Откако инцидентот беше пренесен во медиумите, тој доби големи димензии во период кога секој бара виновник за неуспехот на селекцијата.
Француската фудбалска федерација (ФФФ) не му дозволи на Анелка да ја каже својата верзија на инцидентот со селекторот Рејмонд Домненек, на офицајлната конференција за печат на француските фудбалери. Капитенот на селекцијата Патрис Евра тврди дека не е точно се' она што е пренесено во печатот и изрази незадоволство поради објавувањето во печатот на она што беше речено зад затворени врати во соблекувалната на полувремето Франција-Мексико. Тој што го пренел инцидентот во печатот, според Евра е некој од француската репрезентација, кој не и сака ништо добро на екипата.
Во интервју за „Франс Суар“ Никола Анелка вели дека имал инцидент со селекторот, но дека зборовите што му ги припишува „Л’Екип“ не се точни. Анелка го прифати неговото исклучување од екипата, нагласувајќи дека длабоко ги почитува своите соиграчи без исклучок на никој, не сакајќи да каже ништо повеќе пред претстојната средба во вторник со Јужна Африка, за која им посакува многу среќа на неговите досегашни соиграчи. Но климата во селекцијата како што може да се претпостави е далеку од пријатна за едно нормално подготвување на натпревар, кој иако може да ја квалификува Франција за вториот круг на СП во Јужна Африка никој не верува во тоа. |