МЕРИДИЈАНИ
Сидата во Африка
Бан Ки Мун
Времињата се тешки, што е една причина повеќе за сожалување и за дарежливост
На најголемата клиника за сида во Уганда неодамна бев сведок на извонредна прослава на животот. Изведувачите беа група млади африкански пејачи, тапанари и танцувачи, на возраст од 8 до 28 години. Ретко кога сум бил толку длабоко трогнат.
„Ова е земја“, пееја тие,
„Каде што убави луѓе
се смеат и танцуваат во хармонија.
Африка. О, Африка“.
И, навистина, тие млади луѓе се смееја и танцуваа не само во хармонија, туку со радост на животот што ги осветлуваше нивните лица и сите не' исполнуваше со среќа. Слушајќи ги нив, беше тешко да се замисли дека тие лесно би можеле да бидат починати - и би биле ако не е оваа клиника. Секој од тие одлични изведувачи живее со вирусот ХИВ. Сите беа живи и здрави само од една причина: Заедничкиот клинички истражувачки центар во Кампала и лековите што ги обезбедува центарот за пациентите.
Уганда беше епицентарот на епидемијата на сида. Таму злото го извлече највисокиот биланс на жртви. Сепак, Уганда е успешна сторија. Пред една деценија помалку од 10.000 луѓе ја примаа новата генерација на антиретровирусни лекови, кои ја задушуваат болеста и нудат ветување за нормален живот. Денес тој број изнесува 200.000.
Насекаде видовме сличен охрабрувачки напредок. Боцвана, меѓу другите, силно вложуваше за да понуди универзално лекување, и сега е на добар пат да осигури ниту едно бебе да не биде родено со ХИВ - што е реалност во развиените земји, но не и во Африка, каде што секоја година се раѓаат 400.000 деца со таа болест. Јужноафриканската Република, со најголем број луѓе што живеат со ХИВ, лани потроши речиси една милијарда долари за амбициозна кампања за советување и тестирање. Меѓутоа, постои нова и се' поголема опасност дека тие напредувања можеби нема да се одржат. Петер Маѓењи, ��ој го води Заедничкиот клинички истражувачки центар, вели дека дел од проблемот е вистинската тежина на бројките. Во Уганда се лекуваат само околу половина од болните со ХИВ/сида. Во меѓувреме, пресушуваат парите за лекување поради глобалната рецесија.
Земјите, како што се Малави, Зимбабве и Кенија, како и Уганда, бараат помош за вонредно снабдување со лекови. Во Кампала, доктор Маѓењи почна да ги става новите пациенти на листа на чекање. Дури седум милиони Африканци, кои би требало да се лекуваат од ХИВ, не се лекуваат. Во светот тој број е околу 10 милиони. Донаторите го пренасочуваат фокусот од сидата кон други болести, бидејќи повеќе животи можат да се спасат поевтино. Во глобалната војна против сидата, меѓународната заедница е на работ на пораз.
Оние кои се обединија во борбата се алармирани. Тие стравуваат дека импресивните добивки од последната деценија ќе се загубат. „Седиме на темпирана бомба“, ми вели д-р Маѓењи. Секој ден, тој е принуден да донесува морални одлуки, кои никој не би требало да ги прави. Како избирате да лекувате едно девојче, а не нејзиниот помал брат?
Во Кампала им ветив на моите млади пријатели дека ќе направам се' што можам за да помогнам. Неодамна во Вашингтон, ОН претставија план на акција што би требало драстично да го забрза напредокот за здравјето на мајките и на децата, вклучувајќи и ХИВ. На меѓународната конференција за сидата во Виена, во јули, се надевам дека меѓународната заедница ќе застане зад стартот на „Лекување 2.0“ на УНАИДС - следната генерација на лекување на ХИВ, која мора да биде достапна, поефективна и пристапна за сите. Како одговорен за Глобалниот фонд, барам од сите донатори да се погрижат земјите, како што е Уганда, да ја добијат поддршката што им е потребна. Ја напуштив Уганда со фрагмент од песната што се' уште ми одекнува во срцето:
„Ние се' уште сме корисни.
За нашите земји, за нашите семејства.
Се' што ни треба е начин да ги живееме нашите денови,
се' што ни треба е да преживееме во Африка“.
Да, времињата се тешки. Тоа е уште една причина повеќе да се дејствува од сожалување и со дарежливост.
(Авторот е генерален секретар на Обединетите нации.
Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |