Источнa туристичка наезда на Скопје
Македонија новооткриена дестинација за Корејците, Јапонците, Израелците, Кинезите и за западните Европејци
Миркица Поповиќ
Скопје веќе неколку месеци е преплавено од туристи. Групи од 40-60 насмеани странци со вообичаената опрема - апарат и ранче, секојдневно шетаат низ улиците на главниот град изнудувајќи вчудовидени погледи од скопјани и прашање од каде одеднаш наездата на туристи. Лицата се различни, доаѓаат од Западна и од Источна Европа, од нашите балкански соседи, од Кина, Кореја, Тајван, Јапонија, Мексико, САД, Израел, а поретко и од Канада и од Австралија. Дали е ова знак дека Скопје загазува посигурно на светската туристичка мапа?
Сега засега, се' уште само попатно, но и тоа е чекор напред, кој ако добро се проанализира и искористи може да доведе до идни, подолги посети. Од разговорите со неколку групи туристи, туристички агенции од Скопје, музејски куратори и водичи дознавме дека најголемиот број од групите што застануваат во градот се на регионална тура низ Балканот. Доаѓаат или во сопствена режија или, пак, преку соработка на туристичкиот оператор од нивната држава со туристички оператор од Македонија. Привлекувањето туристи во државата е подолг процес, најчесто е потребно да поминат две години по претставувањето на земјата и разговорите на странскиот со македонскиот оператор, испитувања и извиднички тури од странските земји додека дојдат првите туристи.
„Скопје и Македонија се дел од целото балканско откритие“, вели Ангел Иванов од агенцијата „Адриатик Маврово“, која годинава има групи од Кина, Јапонија и од Тајван. Туристите се на двонеделни тури низ Балканот, почнувајќи или од Софија или од Солун. Во Македонија се задржуваат најчесто два или четири дена, а поретко се случува да има и групи што се фокусирани само на одмор во државата, па тука застануваат 7 дена. Како што вели Иванов, во зависност од интересот и од распоредот на групата, поминуваат или неколку часа или, пак, цел ден во Скопје, а потоа заминуваат или низ западна Македонија во посета на цркви и манастири, куси пешачки тури низ планините и националните паркови со крајна дестинација Охрид. Ако пак, следната дестинација е Софија, се прави прошетка низ источниот дел на Македонија, со поголем акцент на руралниот туризам во Берово и во Паланечкиот крај.
Покрај стандардните пешачки тури и разгледувањето на културно-историски споменици, меѓу странците се' попопуларни стануваат велосипедските тури низ македонските планини, винскиот туризам, но и џип сафарито низ источниот дел на државата. Горан Јаневски од агенцијата „Компас - Скопје“, која носи гости од Јапонија, Холандија и од Израел на вакви поавантуристички прошетки смета дека туристите се задоволни од овие понуди и не ретко се импресионирани од македонските планини, сметајќи ја Македонија како интересна нова туристичка дестинација.
Туристичките прошетки низ Скопје вклучуваат посета на скопското Кале, чаршијата, некои од црквите и музеите и секако Матка. Оние што остануваат само два часа во Скопје, како една група туристи од Чешка со кои разговаравме, повеќе преферираат куса прошетка низ градот, разгледување на чаршијата и краток одмор, а потоа се упатуваат кон западниот дел од државата. „На пропатување сме до Албанија. Сега ќе бидеме два часа во Скопје, а потоа одиме да го посетиме манастирот „Св. Јован Бигорски“ и вечерва ќе спиеме во Маврово. Утре изутрина имаме организирано мала прошетка низ Маврово, потоа заминуваме на посета на Охрид, од каде што одиме во Албанија на еднонеделен одмор на албанските плажи“, ни објаснува водичот на група од педесетина Чеси. За разлика од групите што доаѓаат преку македонските туристички агенции, не е мал ни бројот групи или поединци што ја посетуваат државата во сопствена режија, како, на пример, оваа група туристи од Чешка, но повторно како дел од нивната кружна тура на Балканот.
Што најмногу посетуваат во Скопје? Чаршијата и музејот на Мајка Тереза. „Имаме посетители од Јужна Кореја, Јапонија, Турција, Шведска, Мексико, Полска, Чешка, Индија, Хрватска, Тајван“, ни набројува Марина Спирова, кустор во спомен-куќата на Мајка Тереза, потенцирајќи дека од отворањето музејот има 100.000 посетители. „На 26 август за специјалната миса за Мајка Тереза веќе имаме најавено група од 100 Јапонци“, вели Спирова. Спирова вели дека делумно влијание на посетите оваа летна сезона има и репортажата на Си-Ен-Ен и тоа најмногу кај бизнисмените доаѓаат да ја разгледаат спомен-куќата. „Најмногу бизнисмените ни нагласуваат дека ја гледале репортажата на Си-Ен-Ен, виделе во агендата дека доаѓаат во Скопје и си забележале дека треба да дојдат да не' посетат додека се тука“, додава Спирова, потенцирајќи дека се до нејзиното вработување во спомен-куќата на Мајка Тереза не била свесна дека толку голем број туристи поминуваат низ главниот град.
Со нејзината констатација за посетеноста на овој музеј се согласува и Александар Аврамовски, туристички водич и претседател на Здружението на туристички водичи на град Скопје. Тој вели за секоја група туристи во градот се интересни различни работи. „На пример, гостите од Јапонија повеќе се заинтересирани за културните споменици, импресивни им се старите цркви и манастири и секогаш сакаат тоа да го ��окументираат. За туристите од Хрватска и Словенија поинтересно е потсетувањето на стариот стил на живот, дружењето со традиционална музика и пробување на македонските вина. Гостите, пак, од Западна Европа, кои остануваат или 3-4 дена или една недела, се позаинтересирани за кружни тури низ државата кои комбинираат културно-историски посети, со црковен туризам, вински туризам, планинарење и рурален туризам“, нагласува Аврамовски. Во врска со соодветниот квалитет и квантитет на сувенирите што може да им се понудат, тој вели дека некои краишта во државата веќе имаат голема понуда на сувенири, кои може да се интересни за туристите, но и дека во голем дел другите туристички места воопшто се фокусирани на изработка на сувенири и воопшто не го искористуваат тој момент на заработка од туристичката дејност.
Сепак, и според агенциите и според туристичките водичи бројот на туристите се' уште не достигнал задоволително ниво. Јаневски од „Компас Скопје“ стравува дека ќе биде загрозен масовниот туризам поради откажувањето на групи од еден израелски туроператор и дел од холандските чартер летови до Охрид. Проблемот го лоцира во лошата организација и претставување на државата на саемите за туризам.
„Претставувањето на Македонија на саеми за туризам во април и во мај е веќе доцна, тогаш сите туристички оператори веќе ги имаат резервирано своите летни аранжмани. Потребно е уште од овој октомври и ноември да започнеме со промовирање на аранжманите за Македонија за следната летна сезона“, потенцира Јаневски. Според него голем проблем е скапиот авиопревоз во државата, кој за жал не се надминува ни со субвенциите кои ги нуди државата за туроператорите што носат странски туристи. Засега, главен слетувачки центар во регионот, според него, е Софија, а аеродромот во Скопје треба се поактивно да работи на привлекување нискобуџетни компании што нудат евтини летови.
Јаневски посочува уште една работа за која често се дискутира, а тоа е фактот дека државата нема капацитет, нема што да промовира за да го развие масовниот туризам. Како млада дестинација, која туризмот го гради од 2002 години, тој предлага дека повеќе може да се фокусираме на промоција на природните убавини, неоткриеноста на овој крај, отколку на масовниот туризам кој е одлика пред се на оние кои имаат море и доволен број сместувачки капацитети.
„Јапонските туристи, на пример, се многу културни луѓе, кои нема јавно да направат забелешка за некој проблем или нешто што не им се допаѓа од местата што ги посетуваат. Меѓутоа, ние самите наоѓаме пропусти во работата во различни полиња, како, на пример, кај водачите, хотелите или, пак, кај превозниците. А такви пропусти се недозволиви со строгите договори што ги склучуваме со странските туроператори“, вели Иванов од „Адриатик Маврово“, нагласувајќи дека водат сериозна грижа за овие туристички групи, бидејќи долго време се преговара за договорите, поминуваат извиднички групи на водичи и туроператори за да ги одобрат аранжманите, но потоа доколку им се допадне понуденото, спремни се да потпишат договори и на подолг период. Иванов нагласува дека со секоја нова група туристи, домашните туроператори, водичите и одредени туристички работници работат поактивно на приспособување на различните потреби на туристите.
Аврамовски, и како водич и како вработен во туристичка агенција, потенцира дека македонските туристички агенции треба повеќе да почнат да размислуваат за носење странски туристи. „Агенциите треба да следат од каде може да имаат повеќе профит. Македонија не е скапа дестинација за странските туристи и треба да се работи да се привлечат повеќе групи на тој принцип, можеби повеќе отколку да се прават скапи аранжмани за луксузни светски дестинации за македонските граѓани“, вели тој. |