Барајќи тоалет, налетал на голиот Џо Кол
Триесет и двегодишниот фан на Манчестер Ј. и на Англија, Павлос Џозеф, случајно влезе во соблекувалната на Англија по мечот со Алжир
Гневен англиски фан успеа да му се протне на силното обезбедување по мечот и да се пробие до соблекувалната на англиската репрезентација каде што вербално ги нападна фудбалерите за слабата игра. Би-Би-Си тврди дека навивачот вербално му се нафрли на Дејвид Бекам, кој е дел од стручниот штаб. Портпаролот на англискиот национален тим, Марк Витл, изјави дека навивачот го отстраниле личните обезбедувачи на фудбалерите на Гордиот Албион.
„Случајот го пријавивме во ФИФА. Неверојатно е, покрај силното обезбедување, некој да се прошета до нашата соблекувална и да предизвикува неред“, рече Витл.
Медиумите наведуваат дека неколку моменти пред инцидентот во соблекувалната беа британските принцови, Хари и Вилијам, во обид да им дадат морална поддршка на репрезентативците. Познат е неговиот идентитет. Станува збор за Павлос Џозеф од Лондон, 32-годишен симпатизер на Манчес��ер Јунајтед.
„Најсмешно од се' е дека воопшто немав намера да ја барам англиската соблекувална, туку барав тоалет. Се шетав околу стадионот за да се најдам со двајца роднини и нивниот татко на договореното место кај еден од рефлекторите на спротивната страна на стадионот. Не се појавија половина час и морав во тоалет. Прашав човек од обезбедувањето каде е тоалетот, а тој ме насочи да тргнам кон игралиштето по патот под трибината, во правец на тунелот, и ми објасни дека таму се тоалетите. Тоа се случи 45 минути по натпреварот“, ја започна својата приказна Павлос Џозеф.
Лутајќи по тоалет, тој одеднаш се нашол пред англиската соблекувална.
„Одеднаш пред мене го видов Дејвид Бекам во сив костум. Рацете му беа во џебовите. Се стаписав, не можев да поверувам каде ме одведе патот. Потоа го видов Џо Кол. Беше гол, излегуваше од под туш. Во соблекувалната владееше мртва тишина. Играчите седеа на своите клупи, замотани со пешкири и сите гледаа во мене. Сите делуваа шокирано, никој не се помдрна“, продолжува Џозеф.
„Во еден момент Бекам направи исчекор кон мене и ме праша: „А, кој си па ти? - Во прв момент не знаев што да му одговорам, но потоа му реков: „Јас сум Павлос и барам тоалет“, по што повторно завладеа тишина. Никој ништо не рече“
„Потоа помислив: „Еј, па јас сум во соблекувалната на Англија. Кога сум веќе тука зошто да не кажам нешто. Го погледнав Бекам во очи и му се обратив: „Дејвиде, потрошивме многу пари да дојдеме овде. Вашата игра е чиста бламажа. Што ќе преземете по тоа прашање?“, стои во продолжението на исповедта на Џозеф.
Павлос вели дека постојано се су��руваше со тишина додека беше на местото во кое не требаше да биде.
„Тогаш им се обратив и на останатите играчи. Им реков: „Ова е грозно, не играте доволно добро“. Како одговор повторно добив молк, можеше да се слушне лет на мува. Потоа Бекам го смени изразот на лицето, се подготвуваше нешто да ми каже. Меѓутоа остана само на збунет поглед, а устата и натаму му беше затворена. Одеднаш покрај мене се најде претставник на ФИФА во костум и ми рече дека мора да заминам и потоа ме изведе надвор. На фудбалерите не им кажав ниту збор повеќе, а од Бекс не добив никаков одговор“, истакна Џозеф.
Палвос Џозеф е хипотекарен советник. Англиската репрезентација ја следи од школските денови иво домашните и во гостинските мечеви. По неговата посета во соблекувалната, полицијата на Јужна Африка околу полноќ издаде соопштение во кое се вели дека „неидентификуван маж влезе во англиската соблекувална“ и дополни дека се обидува да го идентификува преку видео-снимки. Во исто време Англиската фудбалска асоцијација упати протестна нота до ФИФА како организатор на натпреварот за влегувањето на навивач во соблекувалната. ФИФА, пак, најави дека ќе ги заостри мерките на сигурност „за ова да не се повтори никогаш“. Павлос на сето тоа само се смее.
„Смешно е што се крена таква помпа.ФИФА го има мојот телефонски број. Тој е во визит картичката што му ја дадов на човекот што ме изведе од соблекувалната. Се вика Марк Линдон. На неговата, пак, пишува дека е координатор за натпревари во ФИФА, без разлика што значи тоа. Јужноафриканската полиција наводно ме бара за да ме уапси, но јас стојам до мојот став дека не сторив ништо лошо. Тоа беше најлошата претстава на англиската репрезентација во последните години. Фудбалерите ги изневерија навивачите. Играа срамно лошо. Повторно да кажам, не правев врева, не навредив никого ниту пак правев неред во соблекувалната. Бев смирен и пристоен, а кога побараа од мене да заминам, јас го сторив тоа“, вели Павлос, кој за патување во Јужна Африка издвои 4,5 илјади фунти.
„Човекот од ФИФА, што ме изведе од соблекувална, ми го покажа патот до тоалетите. Попатно му реков „во соблекувалната е состојба на шок“, а тој ми одговори: „Ако ти се чини лоша атмосферата во соблекувалната сега, требаше да видиш каква беше на полувреме. Голем фан сум на Англија, ги сакам тие фудбалери. Но, на крајот, и тие се обични луѓе како и јас. Играа грозно“, заврши Џозеф.
Мечот меѓу Англија и Алжир во Кејптаун го следеа околу 30.000 британски навивачи. |