Убавицата за Данска, најголемо разочарување за Ето
Напаѓачот на Интер трет пат едноподруго испаѓа со својата репрезентација уште по првата фаза на СП
Фудбалот навистина можел да биде целовечерна забава. Тоа го докажаа Данска и Камерун. Данците иако губеа со 0:1 на крајот успеаја да слават со 2:1 и да останат во трката за втората фаза, а Камерун ја заврши својата приказна.
Тоа беше убавицата на досегашниот дел на првенството во која имаше се што го прави фудбалот примамлив за гледање. Драматика, акции, шанси, грешки, атрактивни потези, емоции..... Затоа и оние кои биле благо наклонети кон Данска сигурно на крајот чувствувале одредена доза жал за Камерун.
Овој меч во Преторија нема да влезе во антологијата според одбранбените показатели. Таа послаба фокусираност на дефанзивата беше последица на тоа што и на двата тима очајнички им беше потребна победа. Камерун почна поагресивно и по грешката на одбраната на Данска и поведе со голот на Ето. Со тој гол напаѓачот на Интер им се придружи на своите сонародници кои давале голови на повеќе Светски првенства - Роже Мила, Франсоа Омам Бијик и Патрик Мбома.
Но, Данска го имаше Ромедал по десната страна. Неговиот продор во првиот дел по стравичното додавање на Играчот на Палермо Кјаер резултираше со израмнување со голот на Бендтнер. Во вториот дел тој истиот Ромедал сам го реши натпреварот множејќи ги со нула шансите на Камерун, кој имаше дури 23 удари кон голот на Данска (23:13).
Камерун имаше и 54-отстотен посед на топка, но сето тоа беше залудно. Покрај Ромедал Камерунците во солзи ги остави и голманот Соренсен.
Како и да е, најдобриот камерунски фудбалер на југот на Африка трет пат настапи на Светско првенство, но и трет пат го заврши натпреварувањето по првиот круг. Иако, го даде единствениот гол тоа не придонесе да не се чувствува најразочарано во својата кариера.
„Тука во Јужна Африка го доживеав најголемото разочарување. Навистина дојдов преполн со ентузијазам, како од личен аспект, така и од репрезентативен. Се надевав на добар резултат, се надевав дека ќе трае, но испадна поинаку“, кажа Ето и додаде: „Дадов се до себе, се што имам во нозете и срцето. За жал авантурата прерано заврши. Данска? Мораше да ги скршиме во првиот дел, тогаш мораше да го добиеме мечот. Но, немавме и среќа и во двата меча. Создававме шанси, ама не ги реализиравме. Сега ни останува да заборавиме на се' и на вистински начин да се простиме од Мундијалот“.
На крајот напаѓаот на Интер заклучи: „Кога го вртам филмот назад гледам дека секоја наша грешка е казнета. Ние не ги казнувавме другите на вистински начин“. |