Мислења
Промашена деценија (1)
Јосиф Ќурчиев
„Тоа е само катастрофа, инаку ништо сериозно. Терај натаму“. Ова ќе се обидат, за повисока цена, да ни го продадат современите тапкароши, иако е филмот лош
БЕЗ РАКАВИЦИ
Грнето си најде капаче! „Викиликс“ само ја поклопи „манџата“ што во изминатите десет години во светското грне ја мирудисуваа политичарите на планетава, откако помпезно го најавија милениумот како нова надеж за просперитет на човештвото во сите негови пори, во неговата „глобализација“. И сега Џулијан Асанж, несомнено интелигентен човек, е распнат меѓу „робинхудство“, „секс насилништво“ и „државно непријателство“. А, тој само го обелодени она што како јавна тајна и озборување им беше познато на повеќето луѓе што и најповршно го следат она што се случува на нашава планета во односите меѓу државите и нивните политичари. Оттаму, сосемa ми е разбирлива изјавата на поранешниот советник за национална безбедност на бившиот американски претседател Џими Картер, Збигњев Бжежински: „Да се остане мирен и да се продолжи“, дадена за „Шпигел“, еден од оние медиуми што добија право да ја објавуваат содржината на „тајните“. „Има, вели тој, една умна реченица од добрите стари времиња на Хабсбурговците. Кога во тоа време нешто ќе тргнеше наопаку, луѓето велеа: ’Тоа е катастрофа, инаку ништо сериозно‘“.
А, во еуфоријата на пречекот на таа 2000 година не недостигаа колнењата во подобар свет на тогаш актуелните лидери, но и надежите на обичните луѓе, зашто, сепак, иако станува збор само за човечка измислица за мерење на „времето“, не е мала работа да се мине жив од еден милениум во друг. Следните генерации ќе мораат да чекаат сега уште 990 години за влез во наредниот, ако и тогаш важи овој систем на календари! Но, да се потсетиме накусо барем на една од желбите на сопругот на Хилари Клинтон, Бил, кому тогаш, како на американски претседател, доаѓањето на милениумот му беше можност за „препознавање“ на предизвиците и можностите со кои „ќе се соочиме во годините пред нас“: „Имаме многу за славење во оваа извонредна пригода и многу причини да бидеме горди. Денес уживаме во најдолгиот период на стабилен економски раст во нашата национална историја, нудејќи најголеми можности за секој Американец. Со право можеме да бидеме горди и на тоа што историјата на нашата демократија со проширен круг човекови слободи се' уште го инспирира светот и дека Америка продолжува да служи како лидер во промоцијата на мирот и човековите права низ цел свет“.
Во сличен тон беа и пораките на Тони Блер, Жак Ширак, Герхард Шредер... Кој ги памети и другите може да го дополни списоков. Сепак, последниот ден од 1999 година донесе и изненадување. Токму на 31 декември рускиот претседател Борис Елцин „реши“ да поднесе оставка и за свој наследник да го прогласи, во изминатата деценија многу актуелниот, Владимир Путин. Во таа пригода ќе рече дека не се повлекува од здравствени причини, туку дека „Русија во новиот милениум треба да влезе со нови луѓе“ и замина без да се појави вечерта на новогодишната прослава во Кремљ.
Е, така беше пред десет години. А, што се случи во таа декада? Моја намера не е да набројувам, туку само да потсетам на некои од најважните настани што од корен го променија ликот на планетава, но не онака како што пророкуваа некои од спомнатите. И веројатно повеќе од нив, во право е британската рок-ѕвезда Дејвид Боуви кога вели „човештвото технички и технолошки е отидено напред, меѓутоа, во развојот на свеста, барем во последниве две илјади години, ако не назад, тогаш никако не тргнало напред“.
Значи, во 2001 година беше атакувана најсилната сила САД со уривањето на кулите-близначки во Њујорк и со нападот врз Пентагон, а непријателот беше веднаш откриен во Ал Каеда, кој требаше да биде казнет. Ако е Авганистан нејзиното „гнездо“, јастребите во администрацијата на Џорџ Буш јуниор веднаш побараа неодложен атак. Тоа се случи, се разбира, ама од Авганистан и денеска се испраќаат ковчези на загинати војници на „алијансата против злото“ и не се знае уште колку ќе потрае додека отворено не се признае неуспех... Или? Бидејќи тоа не беше доволно, зашто „главата на змијата“ не беше згазена, на ред дојде Ирак со најголемата лага во таа прва милениумска деценија: диктаторот Садам Хусеин подготвува оружје за масовно уништување! Никогаш не беше најдено, но Колин Пауел во ОН беше доволно уверлив со монтираните измами од тајните американски служби. Се пролеа многу крв во изминатата деценија..., но дали се доби доволно нафта! Следува повлекување што треба да заврши во 2011 година. А, потоа?
Во таа деценија неколку држави на ЕУ му се радуваа на еврото, иако не сите што го добија, 10 држави во првиот круг го славеа приемот во бриселското друштво, потоа уште две. ЕУ стигна до 27 членки, без претходна солидна подготовка на сопствените институции, па се' уште има проблеми да зборува во еден глас, ниту има еден телефонски број на кој би се јавил, на пример, Хенри Кисинџер! Предупредувањата на мудрите глави дека е неопходно прво да се обезбедат предуслови, а потоа чекор по чекор да се одвива проширувањето, останаа во воздух. Усвојувањето на европскиот „устав“ наиде на отпори токму кај „старите членки“ Франција и Холандија, за потоа да им се приклучат и некои од новопримените, се' додека не се случи килавиот компромис од Лисабон, кој сега, поради финансиските проблеми на некои од земјите-членки што се најдоа или набргу ќе се најдат пред банкрот, ќе мора да ги претрпи првите измени. Велам први, зашто е очигледно дека ќе следуваат и други. Всушност, таквата кабеста конструкција во која на Џорџ Буш за атакот врз Ирак му се спротивставија, пред се', Франција и Германија, беше повод Доналд Рамсфелд - се сеќавате, вториот јастреб во Бушовата администрација, првиот беше потпретседателот Дик Чејни, чија улога на сива еминенција и натаму не е целосно разјаснета - да ги подели Европејците на „стари“ и „нови“. Се појавија првите пукнатини во Брисел, за кои не сум сигурен дека се закрпени...
Следуваше 2008. Финансискиот цунами предизвикан од пропаѓањето на Леман брадерс, американска банка, во својот вител го зафати целиот глобализиран свет, при што пред очите на јавноста неповратно исчезнуваа „Хималаи“ од долари, а економијата беше турната на работ на колапс. Светските „пожарникари“ побрзаа да го спасат она што може да се спаси, одвиткувајќи снопови долари и евра, пари на даночните обврзници. Пари што во крајна инстанца ќе истечат од нивните џебови. Предаторскиот капитализам, неодговорноста и алчноста на таканаречената менаџерска каста, која во своите сиви костуми пијавично ја пие крвта низ шпекулантски операции, играјќи си на берзите небаре станува збор за видеоигра, ги ишмука и скриените резерви на државниот капитал. Не остана нечепнат никој. Никој? Е, да Кина. Ех, Кина - најголемиот доверител на САД - и во таква каша оствари завиден бруто национален напр��док, за другите со завист да гледаат кон Пекинг.
Во овој сосема кус преглед на потресите во светот нема да ги спомнам вистинските цунами, вулкани, земјотреси, поплави во кои животот го загубија илјадници луѓе ниту, пак, неуспехот на еколошкиот самит во Копенхаген. Останува само да констатирам дека светот преживеа една неуспешна, промашена деценија во која веројатно „технолошки и технички постигна напредок, но во развојот на свеста не мрдна ниту за педа напред“. На поединци во оваа игра не им е дозволено да учествуваат. Сега со нетрпение ги очекувам божикните и новогодишните пораки на светските лидери, пред почетокот на новата декада во овој „милениум“. Стравувам дека одново ќе слушаме оти „и покрај сите тешкотии низ кои минавме, сепак, одиме напред“. И ќе набројуваат дреболии. Зашто, знаете, светска финансиска и економска криза, па глобализација... Но, тоа е „само катастрофа, инаку ништо сериозно“!
Е, па, среќни празници!
(Авторот е новинар) |