Ахмети ќе лови македонски гласови
Во ДУИ пресметале дека ќе добијат голема поддршка од Албанците, па сега нивна цел се избирачите - Македонци
Светлана Унковска
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иако овој пат не сака вонредни избори, сепак, тргна во кампања и на средби со граѓаните. Тој деновиве заедно со сопартијците, почна да крстосува низ градови и села, за на електоратот директно да им ја претстави изборната програма.
Овој пат, програмата на ДУИ се однесувала на сите населени места во државава, без оглед дали таму живеат Македонци или Албанци. Тој минатиот викенд беше во Сарај, а во средата оствари контакт со граѓани на општина Чаир. Од таму најави дека почнува да ја презентира програмата за наредните избори.
„ДУИ проектира владина програма за наредните избори. Веќе нема да излегуваме со програма што ги тангира само местата каде што претежно живеат Албанци. Не - ќе излеземе со владина програма и за Струмица и за Дебар и за Тетово и за Деве Баир. Ова е наша држава и ќе излеземе со владина програма. Нека повелат и нека гласаат од која било етничка припадност да се“, повика Ахмети.
Дали со вакви најави „интегративците“ се навраќаат на периодот од формирањето, кога тврдеа дека ќе бидат партија со граѓанска платформа, дека нема да бидат етнички обоени и ќе се борат за сите граѓани подеднакво, така што имаа ограноци и во неколку градови во Источна Македонија? Или пак ја презедоа веќе испробаната формула - на претседателот на Нова Демократија, Имер Селмани кој на претседателските избори бараше поддршка и од Македонците, одејќи низ градови со претежно македонско население?
Или, пак, можеби Ахмети се сомнева дека на следните избори ќе освои доволен број пратеници за да може комотно да влезе во идниот владин кабинет, особено по последните анкети, според кои се' повеќе се топи наклонетоста кон ДУИ. Извори од партијата го тврдат спротивното. Велат дека во ДУИ се сигурни дека ќе освојат голем број пратенички места, така што сега нивна цел не е само албанскиот електорат во Северозападна Македонија. Засега е извесно дека програмата ќе се презентира пред албанските гласачи, но пораката ќе допрела и до гласачите од Струмица, Виница, или, како што вели, и до Деве Баир.
Според некои аналитичари, воопшто не е време ДУИ да прави вакви кампањи, бидејќи така само им помага на своите политички опоненти - ДПА и НД. Според истражувања спроведени меѓу албанскиот електорат, дури 60 проценти од испитаниците не само што се неопределени, туку се и целосно индиферентни кон политичките партии на Албанците. Оттука, се смета дека Ахмети ќе ги загуби позициите, ако не се сврти целосно кон придобивање на ова бројно гласачко тело. Тој во Чаир, ветувајќи подобра изборна програма, порача дека ДУИ се стреми да учествува и во идниот владин кабинет, но не кажа како го оценува досегашното учество во власта.
|