Фељтон
Колку УДБ-а беше нашата судба (13)
Удбашки агенти меѓу Македонците во Берлин
Браќата Гојко и Мане Јаковлески од Зубовце повеќе десетици години биле следени во Германија од тајните служби на Југославија
Виктор Цветаноски
Браќата Гојко и Мане Јаковлески од гостиварското село Зубовце повеќе десетици години биле следени од УДБ-а во тогашна Западна Германија. Постариот Гојко стасал таму уште во 1962 година, а Мане пет-шест години подоцна. Тие во Берлин имале свој ресторан на главниот булевар „Курфирштендам“ - „Ново Скопје“, кој бил надалеку познат. Во него се' потсетувало на Македонија - и амбиентот, и македонската музика, и храната. Гости доаѓале од сите краишта на бивша Југославија: емигранти, гастарбајтери, но и удбаши.
„Ние не можевме да знаеме кои се луѓе на УДБ-а. Ја сакавме Македонија, и тоа беше единствен наш ’грев‘ за да бидеме следени од нејзини агенти. Се плашевме од секого. И кога патував во Македонија, стравував дека ќе ми се случи нешто. Самата помисла дека може да те затворат и да ти го земат пасошот, создаваше голем страв кај нас. Јас и брат ми никогаш не тргнувавме за дома, во Зубовце, заедно. Еден задолжително остануваше во Берлин, во случај на тој што заминал да не му се случи нешто и од Германија да се обиде да го извлече. Првпат заедно дојдовме во Македонија во 1990 година кога се формираше ВМРО-ДПМНЕ“, раскажува Мане Јаковлески.
УДБ-а за браќата од Зубовце добивала информации и од гастарбајтери што биле нивни гости, но и од вработените. „Не' шпионирале и половината од луѓето што работеле кај нас, дури и нашите најдобри пријатели. Тоа го дознав кога го прочитав досието на брат ми Гојко. Од 1.200 страници, половина се однесуваат на мене. Видов дека ги прислушувале сите оние што ќе ни се јавеле од Македонија. И писмата што ни ги праќале ги читале“, додава познатиот угостител.
Јаковлески објаснува дека УДБ-а настојувала да ги оцрни по секоја цена пред македонската емиграција, служејќи се со разни интриги и подметнувања. Во досието имало изјави дека тој и Гојко работеле за бугарската тајна служба. Дека сето тоа било измислица на македонската
УДБ-а, можело да се заклучи од следниот материјал во досието во кој таа задоволно констатира дека таквата тактика дала резултати и било добро да продолжат на ист начин.
„Целта на УДБ-а беше да ја загубиме довербата меѓу нашите, затоа што ние во тоа време уживавме голем углед. Нашиот ресторан имаше извонредна местоположба и во него доаѓаа сите македонски патриоти. Бевме финансиски моќни и на многумина им помагавме“, подвлекува Јаковлевски.
Службата за државна безбедност не само што ги шпионирала браќата туку и ги предупредувала македонските политичари што патувале во Германија да бегаат понастрана од „Ново Скопје“. Случајот со Благој Попов, тогашен претседател на Извршниот совет на Македонија, е мошне илустративен. Пред да ја посети Германија, службите му сугерирале во никој случај да не го посетува нивниот ресторан. Меѓутоа, не ги послушал и решил сам да се увери што има толку страшно кај браќата од Зубовце за да го предупредува УДБ-а. Дошол со возачот и седнал на една маста без да каже кој е. Гледал и се восхитувал. Додека гостите слушале македонска музика, келнерите облечени во македонски народни носии служеле македонски јадења среде Бер��ин. Не му пречело ни тоа што на ѕидот висела карта со сите три дела на Македонија. Си заминал задоволен. За посетата на Попов, дознале неколку години подоцна кога самиот тој му признал на Мане на една случајна средба во Македонија.
„Да не доаѓаат во нашиот ресторан биле предупредувани и трговските патници и директори на претпријатија, кои службено патувале во Берлин. Дури и студентите биле советувани да бидат подалеку од ’Ново Скопје’. Но, и покрај тоа, речиси сите навраќаа и сите беа воодушевени од тоа што ќе го видеа. Ако не' поканеа на нивната маса ќе седневме. Ние не вршевме никаква пропаганда, освен што им делевме ќибритчиња со карта на голема Македонија и со името на нашиот ресторан“, раскажува Јаковлески.
Познатиот угостител зборува за тоа како УДБ-а им инфилтрирала шпион, преку кого дознавала за речиси секој нивни разговор. „Јас, еден струмичанец и еден скопјанец отидовме кај Томе Илиевски, емигрант од Виница, за да се видиме. Беше голем Македонец, но многу радикален, па често морав да го смирувам. Кај него останавме два дена. Подоцна, кога струмичанецот замина на одмор во Македонија, го викнале во УДБ-а и во детали му раскажале се' што сме разговарале. Ги прашал кој им го кажал тоа. Во ’доверба’ му рекле дека ги информирал Томе, кој, наводно, бил нивни човек. Струмичанецот се врати во Берлин и се' ми пренесе. За тоа му кажав на брат ми, а тој ми вели: ’Знаев дека е Томе‘. Ние цело време мислевме дека тој не' шпионира. Ама не било така. Кога го прочитав досието, видов дека не' кодошел нашиот најдобар пријател, скопјанецот, на кого најмногу му верувавме“, раскажува Јаковлевски.
Големата желбата да го види Драган Богдановски Мане ќе ја плател многу скапо и за малку ќе завршел во шведскиот затвор.
„За Гетеборг тргнав без негова адреса и се изнамачив додека го најдов. Им ѕвонам на сите чии презимиња завршуваа на „ски“. Сите ми го спуштаа телефонот и ми велеа дека не го познаваат, иако немаше Македонец што не знаеше кој е Богдановски. Се плашеа да разговараат, сметаа дека сум човек на УДБ-а. Со триста маки го пронајдов преку друг емигрант - Миле Илиевски. Отидов во фабриката каде што работеше. И тој беше многу претпазлив. На портирница не дојде лично тој, туку испрати друг човек, нашинец, кој за цело време ми говореше шведски. Му велам дека знам оти е наш, а тој и натаму се правеше на удрен, плашејќи се дека сум удбаш. Тогаш сфатив колку е опасна УДБ-а и колку нашите се плашат од неа“, се сеќава Јаковлески.
Откако се убедиле дека не е удбаш, се појавил Илиески и му организирал средба со Богдановски, кој кога разбрал дека е брат на Гојко, го прегрнал со зборовите „Кај си бре, војводо“. Мане останал во Шведска неколку дена, а потоа се вратил во Берлин. Тие денови Македонец од Велешко го нападнал југословенскиот конзулат во Гетеборг при што ги ранил конзулот и еден службеник. Бил уапсен и изведен пред суд, а за да добие помала казна, изјавил дека налог за атентатот му дал Мане Јаковлески.
„За атентатот не знаев долго време, ниту, пак, за лажната изјава на велешанецот. Се подготвував да си дојдам во Македонија и дента пред да тргнам, ми се јави зетот. Ми вели: ’Мане, остани таму зашто овде во Југославија ќе те уапсат‘. Тоа го дознав од некој политичар или инспектор на УДБ-а. Од него разбрав што се случило во Гетеборг. Шведската полиција барала германските власти да ме испорачаат, но тие не се согласиле со образложение дека немаат сознанија оти сум направил такво нешто, дека сум бил чесен бизнисмен“, се сеќава на овој немил настан познатиот угостител.
Поради клеветите изнесени пред шведскиот суд, четири години не можел да влезе во Југославија. Еден ден им јавиле дека татко им е пред умирање и сака да ги види. „Брат ми Гојко ми предлага да заминам веднаш, а јас му велам да оди тој, зашто мене ќе ме уапсат. Кај нас работеше еден келнер, се викаше Стево, а неговиот вујко бил голем човек во УДБ-а. Го замоливме да ни помогне. Откако вујко му се консултирал со надлежните, ми јавија дека можам да дојдам во Македонија, но под услов ако им раскажам се' за атентатот во Шведска. Со себе го зедов Стево и тргнавме. Тоа беше најтешкото и најстрашното патување во мојот живот. Од границата кај Шентиљ до Зубовце постојано ме следеше полиција. Најмалку десет пати бев детално претресуван и малтретиран од хрватската, српската и од македонската полиција. Сите се изживуваа, знаејќи кој сум. А дома ме чекаат мајка ми, татко ми и други роднини. Кога ме видоа, почнаа да плачат пресреќни што ме гледаат жив и здрав“, се сеќава Јаковлески.
Мане Ј��ковлески вели дека по атентатот на Киро Глогоров, трипати бил викан на информативен разговор од германските тајни служби. Тие разговори траеле многу долго. Германците сметале дека тој бил нарачан од луѓе блиски до тогашниот претседател.
Дека браќата Јаковлески не биле толку опасни непријатели на југословенската држава како што ги претставувала УДБ-а, говори и Трајан Бавтироски, кој долги години работеше во Матица на иселениците на Македонија. „Еднаш отидов во Берлин и седнав да ручам во нивниот ресторан. Побарав да го видам Гојко? Дојде, ми посака добредојде и ме понуди да ме прошета низ Берлин. Бевме заедно четири часа и разговаравме отворено за Македонија. На крајот се разделивме како пријатели. А Гојко тогаш го сметаа за еден од најекстремните македонски емигранти“, раскажува Бавтироски.
Познатиот угостител нема постари фотографии од Берлин. Вели дека тогаш сите се плашеле да се фотографираат. |