НБМ нема да печати пари за повеќе кредити
На сите оние чии очи годинава постојано им беа свртени кон НБМ, Гошев им порача сега да се завртат кон инвестиции и извоз
Соња Маџовска
Народна банка на Македонија нема намера да печати пари за да има повеќе кредити. Гувернерот Петар Гошев вчера беше дециден и на сите оние што годинава очите постојано им беа свртени кон централната банка и повикуваа дека е таа најодговорна за слабото кредитирање, им порача дека сега треба да се завртат кон инвестиции и извоз, бидејќи само така може да се оствари поголем кредитен и економски раст. „Монетарната политика може да влијае врз растот, но доминантни се други две групи фактори. Мој совет за оние чии очи постојано се свртени кон монетарната политика, барајќи печатење повеќе пари, е да бидат завртени спрема две други групи фактори, бидејќи оттука може да дојде вистинскиот потенцијал за раст на економијата. Кај интерните фактори тоа се инвестициите, и алокацијата каде одат тие, приоритет треба да биде извозниот сектор, и зголемување на продуктивноста на економијата што бара структурни реформи, индустриска политика. А ние, како мала економија, зависиме и од надворешните фактори“, истакна вчера Гошев. На прашањето на кого конкретно мисли гувернерот, Гошев вели дека тоа се сите оние што постојано бараат безусловен раст на кредитите, без да водат сметка за фундаментите на економијата. Според него, нема многу простор ниту за натамошен пад на каматата на благајничките записи, бидејќи таа е сведена на историски најниско ниво од четири отсто, па сега се' е во рацете на банките и на бизнисот. Тој нема намера да го менува сегашниот модел на одржување аукции на благајнички записи и смета дека тие пари, и да не се врзуваат за овој инструмент, нема да одат за кредити.
Процените на НБМ велат дека годинава ќе ја завршиме со кредитен раст од 8 отсто, иако, според претходните проекции, тој требаше да стигне до 10 проценти. Слабиот кредитен раст, според НБМ, се должи на растот на лошите пласмани што годинава во септември изнесуваа 10,6 отсто, а во ноември се благо паднати на 10,15 о��сто. Најголема ризичност има кај корпоративните кредити, и тоа оние одобрени кон индустријата и градежништвото. Сите овие фактори влијаеле банките да остварат и послаб профит и тоа за 30 отсто во однос на лани, а осум банки бележат и загуби. Дел од причините за слабиот раст на кредитирањето се и трката по штедачи, која годинава посебно беше изразена, при што депозитите пораснаа за 12 отсто. „Банките плаќаат повеќе од солидни камати на депозитите, а тоа влијае на висината на активните каматни стапки“, смета Гошев. Според него, главната причина зошто банките не ги спуштиле каматите на кредитите е затоа што не сакале да ги изгубат штедачите.
За 2011 година се очекува кредитниот раст да се искачи до 12 проценти, а тоа ќе зависи од подобрувањето на перформансите од работењето на банките и натамошно усогласување на банкарската регулатива со постојните и новите стандарди во оваа сфера. „Банките, сепак, одржуваат висока и стабилна солвентна позиција“, вели Гошев. Адекватноста на капиталот, како основна мерка на стабилноста на банките, е двојно повисока од законскиот минимум и изнесува 16,4 отсто.
Според Гошев, иако од сегашна гледна точка има простор за релаксирање на монетарната политика в година, затоа што повеќето фактори изгледаат позитивни, сепак, тој смета дека има ризици. Сепак, неговите очекувања за 2011 се дека се задржани поволните услови за водење монетарна политика, во согласност со надворешна позиција и економскиот раст што се очекува да биде остварен со три отсто. „Следната година очекуваме забрзување на економскиот раст, кој треба да биде меѓу два и три проценти, но повеќе до 3 отсто. Ризиците се присутни, но, како и секогаш, тие редовно ќе се следат и на нив навреме ќе се реагира. Политиката на стабилен девизен курс останува“, потенцираше гувернерот на вчерашната завршна прес-конференција на која ги соопшти процените за оваа и за наредната година. Основно за монетарната политика во 2011 година се надворешната позиција и девизните резерви, кои наредната година се очекува да се зголемат за 180 милиони евра. На крајот на оваа година тие изнесуваат 1,69 милијарди евра. |