Нема лабаво за пушењето
Накалемувањето на можноста за затворање на локалите што дозволиле пушење ги крена угостителите на нозе
Александрија Стевковска
Кафеанџиите се непријатно изненадени од владината одлука да се заострат казните за пушење. Накалемувањето на нова законска измена на постојниот Закон за заштита од пушењето, со која ќе се овозможи освен парична казна и затворање на локалите што дозволиле пушење, ги крена угостителите на нозе. Тие велат дека и сегашаните законски утврдени парични казни за кршење на законот се огромни, па можноста и за запечатување на локалите ќе им го доуништи бизнисот.
„Нарачавме анализа за резултатите од едногодишното работење со забраната за пушење, која покажува фрапантен пад на прометот, затворање на локалите, отпуштање вработени. Таа анализа ќе му ја презентираме на министерот за економија, со намера да издејстуваме ублажување на забраната за пушење. Но, додека ние, од една страна, се подготвуваме да и' укажеме на Владата дека треба да ја омекне забраната за пушење, оттаму најавуваат поригорозни казни за кршење на законот, што нас како сектор непријатно не' изненади“, вели претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Феркан Бербери. Според него, не е во ред власта на ваков начин да го уништува секторот, кој годишно остварува и до 120 милиони евра промет.
„Туризмот и угостителството се уништени од кризата, а капак на се' стави забраната за пушење. Сега угостителите се ставени во незавидна ситуација, да ги пребројуваат само загубите“, вели Бербери. Тој не го оправдува кршењето на законот преку дозвола се пуши во некои локали, но смета дека тоа било единствен начин да опстанат некои кафеани.
„Угостителите инвестираа многу во локалите и сега кога таа инвестиција им пропаѓа поради паднатиот промет, нормално е да се снаоѓаат и да дозволуваат да се пуши, бидејќи забранат за пушење, освен што задира во правото на избор, создава нелојална конкуренција и уништува цела една гранка“, објаснува претседателот на Туристичко угостителската комора.
Од оваа комора не се против Законот за заштита од пушењето, но бараат негова модификација преку давање можност за обезбедување посебна просторија за пушачи во рамките на постојните локали.
Наспроти угостителите што пуштаат очајнички сигнали за помош, власта си тера по свое. Таа се' повеќе го стега обрачот околу пушачите, обидувајќи се да ги дисциплинира и нив и кафеанџиите, кои ги толерираат. Сега Владата ќе го прави законот дури и построг, за што веќе му дала инструкции на Министерството за здравство, кое е носител на законските одредби, а ќе се засилуваат и инспекциските контроли што треба да ги ловат непослушните пушачи, но и објекти.
„Пазарната инспекција во соработка со другите инспекции на терен веќе започна со засилени контроли, со цел да се обезбеди нормално функционирање на Законот за заштита до пушењето“, вели Елизабета Чингаровска, директорка на Пазарна инспекција.
Според неа, иницијална каписла за затегање на Законот за забрана на пушењето биле поплаките на граѓаните дека забраната за пушење во кафеаните на големо се крши.
„Имаше многу поплаки од граѓаните дека се пуши во рестораните. Ние постапуваме по тие претставки, но на терен се јави ситуација да казниме по три пати еден ист локал во ист ден, а таму продолжуваше да се пуши. Имено, инспекторите одеа на терен, пишуваа казни за да по нивното заминување, веднаш се продолжи повторно да се пуши. Инспекторите пак се враќаа, пак казнуваа, но откако ќе заминеа, таму повторно се пушеше. Истото се повторуваше по неколку пати во ден, а ефект немаше. Тоа овозможи создавање нелојална конкуренција, а токму законот треба да обезбеди фер и еднакви услови за работа, зошто факт е дека ако не се почитува еден закон, не се почитуваат и други. Токму затоа мора да се воведат ригорозни мерки што ќе овозможат функционирање на правната држава“, додава Чингаровска.
Сиве овие засилени мерки се донесоа откако кафеанџиите открија дека во Законот за заштита од пушење нема одредба за пломбирање на објектот во кој се пуши, дозволија пушење во објектите. Тие дури и на социјалните мрежи се рекламираа дека организираа�� пречек на Нова година со дозволено пушење. |