Бразилците убедливо до бронзата

Во малото финале „кариоките“ ја совладаа Белгија со 3:0
По дебаклот (3:0) од тимот на Аргентина, во полуфиналето на Олимписките игри во Пекинг, фудбалерите на Бразил успеаја со ист резултат да ја победат селекцијата на Белгија во дуелот за третото место и освојувањето на бронзената медала на Олимпијадата.
Прашањето на победникот на овој меч, Бразилците го решија уште во првото полувреме кога со головите на Диего и Жо поведоа со 2:0. Фудбалерот на бундеслигашот Вердер, Диего кој поради учеството на олимпијадата дојде во отворен конфликт со раководството на неговиот клуб, го отвори резултатот во 28. минута по додавањето на Рафињо. Со малку среќа, Бразилците во финишот на полувремето стигнаа и до поубедливо водство од 2:0 со голот на Жо.
Во вториот дел, и Белгијците сериозно се заканија преку Фертонген, Де Рувер и Мартенс, меѓутоа бразилскиот голман Ренан на три пати беше поуспешен од белгиските фудбалери. Во финишот на мечот точка на сите неизвесности стави Жо кој откако успешно се ослободи од директниот чувар Вермален, со силен и прецизен удар ја затресе мрежата на белгијците за 3:0 за тимот на Бразил. Денеска во рамките на големото финале ќе се сретнат екипите на Аргентина и Нигерија. |