Французите и Исланѓаните во борба за златото

„Триколорите“ во полуфиналето го поразија бранителот на трофејот, Хрватска, Исланѓаните ја добија пресметката со Шпанија
Со поразот од Франција во полуфиналето на машкиот ракометен турнир завршија хрватските надежи за трофеј во екипните спортови на ОИ во Пекинг. „Триколорите“ заслужено славеа со 25:23 и се пласираа во големото финале каде ќе играат против Исланд, селекција која во второто полуфинале ја совлада Шпанија со 36:30, а „коцкестите“ можат само да жалат за пропуштената прилика да го бранат трофејот од Атина.
Франција беше подобри од Хрватите, барем на овие Игри. Беа подобри во групата, беа подобри и во вчерашното полуфинале без оглед што натпреварот во голем дел беше израмнет. Воглавно се играше погодок за погодок, ниту една репрезентација не успеа да се одлепи на повеќе од еден до два гола предност. Така беше се до финишот кога Французите дополнително го подигнаа нивото во одбраната, а Хрватите немаа подготвено одговор за тоа.
Уште еднаш на францускиот гол одличен беше Тиери Омејер со 17 одбрани и кога неговиот ефект ќе се спореди со оној на Алиловиќ лесно може да се заклучи каде е првата причина за поразот на хрватската репрезентација.
Ништо ново не донесе најновиот дуел меѓу Хрватска и Франција. Две одлични одбрани, но и два напади кои на такви одбрани не се снаоѓаат баш најдобро. Во контекст на тоа и двајцата најдобри светски ракометари, Балиќ и Карабатиќ, кои не се во вистинска форма, а во згуснатите средини не се снаоѓаа ниту останатите надворешни играчи. Двете репрезентации загубија многу топки, направија многу технички грешки, голем дел за тоа може да му се препише на заморот, но и на значењето што го носи еден ваков меч.
Единствено Шпрем и Хорват имаа рецепт за францускиот голман, а во средината на полувремето како добар џокер на Лино Червар се покажа Драго Вуковиќ кој постигна три погодока. Но, затоа „коцкестите“ немаа решение за Бурде (шест гола од седум обиди) и Нарсис (шест гола од девет обиди). Французите додадоа гас во последните 10 минути и го решија мечот. Во финишот Хрватите останаа без сили и идеи како да му се спротивстават на противникот. Тоа се виде и на тајм-аутот кога изморениот Балиќ му зборуваше на Червар дека неговиот план нема да го допуштат Французите.
Најефикасни играчи во хрватскиот состав беа Шпрем и Хорват со по пет гола, Вуковиќ и Балиќ постигнаа по три. Но, тоа не беше доволно за пласман на Хрватска во финалето. Лидери во францускиот тим беа Бурде и Нарсис со по шест гола, Абало додаде четири.
Мажи, полуфинале: Франција - Хрватска 25:23, Исланд - Шпанија 36:30. |