Бразил и САД ќе одлучуваат за најсјајниот трофеј во одбојка

„Кариоките“ во полуфиналето подобри од Италија со 3:1, САД ја поразија Русија со 3:2
Американските одбојкарски репрезентативци го преживеаја рускиот кам-бек, славеа со 3:2 во сетови (25:22, 25:21, 25:27, 22:25, 15:13), и се пласираа во финалето на олимпискиот турнир во Пекинг. Во мечот за златото, прв за машкиот состав на САД на олимпијадите по Сеул во 1988 годија, ќе играат против Бразил кој во второто полуфинале ја совлада Италија со 3:1 (19:25, 25:18, 25:21, 25:22).
Селекциите на САД и Русија одиграа супер возбудлив натпревар, во пет сета, во кој Американците на крајот за четири поени беа подобри од Русите (112:108). Драматичноста во мечот ја одржуваа Русите Александар Кошарев и Максим Микаилов и Американците Вилијам Прајди и Клејтон Стенли. Се играше поен за поен, Русите први обезбедија чувствителна предност во мечот кога со успешно реализиран напад и два блока во низа поведоа со 14:11. Но, набрзо потоа на ред за сервис дојде Стенли. Со неговите разорни 118 км./ч. сервис не само што ги врати Американците во игра туку со серијата од 5:0 им донесе водство од 17:15 што беше решавачко за тоа кому ќе му припадне првиот сет.
И вториот сет почна во знакот на Стенли. Му донесе два поени на својот тим, но по тајм-аутот Русите се вратија, го подобрија блокот и во најголем дел од сетот имаа предност. Американците се разбудија дури во финишот, направија неверојатна серија од 8:1 и поведоа со 2:0.
Во третиот сет Русите се „стегнаа“ во одбраната, а нападите во поени ги претвораше Микаилов (забележа вкупно 31 поен во натпреварот). „Зборнаја“ одлично го искористи малото опуштање на Американците и го започна резултатскиот пресврт внесувајќи во мечот во четврти, а потоа и во петти сет. Во потполно израмнета борба во петтиот сет, Ли во самиот финиш беше најснаодлив и со своите два поена во серија ги поведе Американците во финалето.
Италија не успеа да му се реваншира на Бразил за поразот во финалето на претходните Игри во Атина. „Азурите“ загубија и овојпат иако почетокот на натпреварот го навестуваше спротивното. Рано направија серија од 6:0 за водство со 9:3 што беше клучно во првиот сет со оглед дека Бразилците до крајот не успеаја посериозно да ја загрозат нивната позитива. Откако неочекувано го зго загубија првиот сет „кариоките“ во продолжението ја презедоа контролата врз играта. Фаворитскиот статус Бразилците го потвдрија во сетовите што следуваа во кои ги ставија работите на свое место и си обезбедија финале против освојувачот на годинашната Светска лига.
Репрезенатциите на САД и Бразил ќе се сретнат и во финалето на женскиот одбојкарски турнир на Олимписките игри во Пекинг.
Мажи, полуфинале: САД - Русија 3:2 (25:22, 25:21, 25:27, 22:25, 15:13), Италија - Бразил 1:3 (25:19, 18:25, 21:25, 22:25). |