Со денешното дерби Вардар -Пелистер фудбалот пак актуелен

Во Куманово играат Милано и Победа, во Турново Хоризонт и првакот Работнички
Миодраг Мицковиќ
Полека стивнува и привршуваат возбудувањата на Олимписките игри во Пекинг а по двонеделната пауза на фудбалските терени во Македонија одново ќе гледаме прволигашки натпревари. На програмата се средбите од третото коло и два дерби меча што го привлекуваат вниманието.
На Градскиот стадион во Скопје Вардар денес го пречекува еден од кандидатите за висок пласман - битолски Пелистер, дерби кое треба да покаже колку „црвено-црните“, со осетно засилен тим, со нов спонзор, уште на почетокот на првенството се фаворити број 1, не само за титулата туку и за Купот. И Вардар и Пелистер поради откажувањето на Башкими имаат одиграно само еден меч во изминатите две кола. Вардар резултатски беше убедлив против поранешниот шампион Победа дури со 3:0, но со играта, особено во првото полувреме не ја покажа својата сила и улогата на најголем кандидат за титулата. Пелистер пак долго се мачеше во Битола против Хоризонт Турново совладувајќи го дури во финишот со 3:1.
Токму затоа денешната средба на Градски меѓу старите ривали се очекува со големо интересирање. Навивачите почнаа да се враќаат на Градскиот стадион, што е навистина добро за една убава фудбалска атмосфера, пелистерци сигурно нема да бидат осамени бидејќи заедно со нив ќе допатуваат голем број битолчани, ги има и во Скопје и да веруваме дека ќе присуствуваме на едно вистинско дерби.
Победа, заедно со Хоризонт по две кола е без освоен бод што е мало изненадување. Може да се случи „постот“ на прилепчаните да продолжи и по неделата бидејќи му гостуваат на Милано кој и годинава има големи амбиции за висок пласман. Прилепчаните по двата пораза тврдат дека ги консолидирале редовите, имаат решено дел од финансиските проблеми, дали тоа ќе биде доволно конечно да освојат некој бод, да причекаме до недела.
Уште еден меч го привлекува вниманието. Новиот прволигаш Хоризонт исто како и Победа е без бодови. Својата шанса за првиот успех го гледа во мечот на свој терен со Работнички, кој се уште не е оној тим кој се „шеташе“ по прволигашките терени освојувајќи со леснина бодови. Тоа време е минато, сега е тешко да се прогнозира резултатот од средбата во турново.
На останатите терени играат: Напредок-Силекс, Македонија ЃП-Металург. Мечевите почнуваат во 16.30 часот.
Денес (сабота) се игра и редовното трето коло на Втората лига. Еве го распоредот: Беласица-Брегалница (се игра во Делчево), Новаци-Локомотива, Слога-Маџари, Тетекс-Скопје, Кожув-Шкендија, Дрита-Вардар (Н), Цементарница-Охрид, Миравци-Нов Милениум. Сите почнуваат во 16.30 часот. |