Шпанците први финалисти

Гасол и другарите во полуфиналето го совладаа тимот на Литванија со 91:86
Кошаркарите на Шпанија се првите финалисти на олимпискиот турнир во Пекинг. Тие во драматичен меч сосема заслужено го совладаа тимот на Литванија со 91:86, и во финалето ќе го чекаат подобриот од мечот САД - Аргентина. Селекциите на Шпанија и Литванија одиграат прекрасен полуфинален натпревар кој во поголемиот дел помина во рамноправна и изедначена игра, без притоа некоја од екипите да успее да направи резултатска предност и исчекор кон финалето.
По задолжителното испитување на силите во првата четвртина, екипата на Шпанија прва тргна во офанзива, со цел да го изненади противникот. На агресивната игра на Шпанците, која резултираше со нивна минимална предност на стартот, Литванците брзо пронајдоа одговор и некаде во финишот на овој период го израмнија резултатот. Вториот период започна со резултат 21:19 за селекцијата на Шпанија, која само за нешто повеќе од две минути во овој дел стигна до првата позначителна предност од осум поени (28:20) разлика.
Следуваше тајм-аут за Литванците по кој нивниот селектор се обиде да ја прекине успешната серија на шпанската фурија, и успеа во намерата. Имено, литванците за само една минута (се играше 13. минута), возвратија со серија од 5:0, по која на семафорот стоеше 28:25 за репрезентацијата на Шпанија.
Тренерските совети очигледно дека добро им дојдоа на литванците кои и во продолжението на вториот период, не отстапија од препораките на нивниот Стручен штаб и за само неколку минути стигнаа до комплетен резултатски пресврт на оваа средба, на нешто помалку од три минути до крајот на вториот период со трите поени на Лавринович, Литванците поведоа со 34:32. Во финишот на овој дел, по двете тројки на Јасаитис, Литванците за прв пат стигнаа до нешто позначајна предност од шест поени разлика (42:36). Сепак, Шпанците не дозволија Јасикевичиус и другарите да заминат со сериозна предност на полувремето, и со четири последователни поени стигнаа до негатива од два поени (42:40) за селекцијата на Литванија, резултат со кој се замина на одмор.
Литванците ја задржаа предноста и во текот на третиот период. Додуша таа не беше голема, меѓутоа доволна за да внесе нервоза во редовите на шпанскиот тим. Шпанците во овој дел го повратија водството само во еден момент, односно во 27. минута кога поведоа со 55:54. На сцена стапи прецизниот Јасаитис кој веќе во следниот напад, со тројка, повторно го врати водството кај составот на Литванија (57:55).
Интересно е дека динамиката на мечот во овие моменти ја диктираа двајца кошаркари на двете страни. Јасаитис кај Литванците и Гасол во редовите на селекцијата на Шпанија беа главните ѕвезди во финишот на третата четвртина. Најпрво, со нова тројка Јасаитис зг��леми на 62:59, а веднаш возврати Гасол кој по два успешни напади, успеа да го израмни резултатот. Финишот на овој период не ја промени сликата ниту на семафорот каде што литванците ја задржаа достижната предност и пред стартот на последните десет минути од мечот.
Во играта на нерви, која уследи во последниот период, се покажа дека подобро стојат Шпанците. Имено, тие брзо ја анулираат предноста од четири поени на литванскиот тим, и поминаа во офанзива по која на нешто помалку од четири минути пред крајот на мечот Шпанците веќе водеа со 81:74. Во тие моменти речиси сите поени Шпанците ги постигнаа од линијата за слободни фрлања.
До крајот на мечот, Гасол и другарите не дозволија Литванците повторно да се вратат во игра, и со цврста игра во одбраната стигнаа до победата од 91:86 со која тимот на Шпанија се пласира во големото финале на кошаркарскиот турнир во Пекинг. |