Патиштата како бојни полиња
Вкупно 124 лица годинава ги загубија животите во сообраќајни несреќи низ земјава
Горан Адамовски
Преголема брзина и неприспособеност на условите на патот, непочитување на правилата за првенство на минување, непрописно и невнимателно свртување, недржење прописна страна и правец на движење, непрописно престигнување, непрописно разминување, возење под дејство на алкохол...
Причините се детектирани, но на македонските патишта се гине како на бојни полиња. Само изминатава недела загинаа осуммина. Од почетокот на годината, 124 лица ги загубија животите во сообраќајни несреќи низ земјава.
Официјалната статистика на МВР за првата половина од годинава покажува дека во земјава се случиле 1.859 сообраќајки, во кои загинале 69 лица, а 2.799 се повредени. Во речиси две третини од несреќите страдаат возачите.
„Тие се и најчести предизвикувачи на несреќите“, укажуваат од полицијата.
Деталните статистички анализи покажуваат дека најмногу загинати во сообраќајки имало во мај - 15, а најмалку во март - 9. Најмногу се гине во петоците и во понеделниците, а најмалку во неделите.
„Околу 42 процента од несреќите се случиле во периодот меѓу 12 и 19 часот (најмногу меѓу 15 и 16 часот), а најмалку во периодот меѓу полноќ и пет часот наутро“, велат од МВР.
Пред неколку месеци, МВР соопшти дека изминатава деценија во земјава се случиле над 1.300 сообраќајки со трагични последици, во кои загинале повеќе од 1.500 лица. Од почетокот на 2008 година, страшниот биланс се искачи речиси до 500 загинати.
„Бројот на жртвите на патиштата е за четири и пол пати поголем од билансот на најтешкиот облик на криминалот - убиствата“, велат од МВР.
Министерката Гордана Јанкулоска најави дека следниот период ќе засилат радарските контроли, контролите на непочитување на правилата за првенство на минување, за непрописно и неправилно престигнување, за неправилно паркирање возила, контроли на пешаци, велосипедисти, за злоупотреба на алкохол, дрога... Но, црниот биланс постојано расте.
Возачите, освен кај себе, вината ја бараат и во лошите патишта низ земјава, слабата инфраструктура, недоволната сигнализација, необележаноста со соодветни знаци...
Според податоците на надлежните, во земјава постојат 169 црни точки на патиштата. Како приоритет беше назначено отстранување на несоодветно поставените билборди крај патиштата и осветлување на раскрсниците низ населените места и на патиштата. Новите брзи автомобили се уште една од причините за зголемениот број несреќи, оценуваат возачите.
„Сега се купуваат многу нови возила. Иако се модерно опремени и нудат поголема заштита, сепак, на возачите им даваат некое чувство на самодоверба и на моќ, па возат побргу“, вели еден наш читател.
Бројките се немилосрдни. Во 2007 година во земјава загинале 199 лица. Во 2008 година сообраќајките одзедоа 162 животи, а во 2009 година речиси исто - 160.
Во светот, пак, секоја година околу 1,3 милиони луѓе умираат во сообраќајни незгоди, а се проценува дека оваа бројка ќе се зголеми до 1,9 милиони до крајот на декадата. Македонија, за жал, го следи трендот на пораст на сообраќајките со трагичен крај. |