Мислења
Тавтологија на нихилизмот
Ивор Мицковски
Отров, почетокот и крај на сите нешта, резервоар со тоталитарен потенцијал е нихилизмот
Чудна е денес состојбата во Македонија. Живееме еден посебен политички, уставен и општествен момент во нашата историја, момент кој мал број луѓе се обидуваат да го објаснат, да го расклопат или апсолвираат и мислам дека успеваат во тоа. Тешко е да се биде критичар денес, да се анализира еден режим кој за оние што го критикуваат е сфатен и расклопен, но кој за повеќето е прифатлив, иако е погрешен. Се' уште прифатлив затоа што иако расклопен во секоја своја посебност, тој не е расклопен во својата целост и таа целост не е прифатена од сите. Критичарите ја имаат апсолвирано суштината на овој режим, ги имаат објаснето и накратко и нашироко посебните карактеријални особини на овој режим. Но, тоа што понекогаш недостасува е јасна дефиниција, конечен и обединувачки суд за општата карактеристика на самиот режим.
Монтескје би рекол дека ни недостасува објаснување за принципот. Ни недостасува да го зграпчиме духот, таа спиритуална енергија која на системот или антисистемот му дава да живее според својата есенцијалност.
Колку вредат сите наши посебни дефиниции за режимот како автократ��ја, егократија, плутократија, видеократија, клиентелски систем, мистицизам на лидерот, медиумска доминација, фашизам, антиквизација, во доловување на неговата суштинската погрешност? Сите овие карактеристики, колку и да се понекогаш точни или претерани, сепак, се парцијални. Тоа наедно значи дека ако нашите судови, пред се', се парцијални, тие делумно се сфаќаат како некоја лична критика, како да мислиме дека за овој систем да се промени, доволно е само да ги смениме луѓето кои го создадоа и материјализираа. Не е така. Лоша политика не се менува само со менување на луѓето кои ја промовираат, затоа што тие луѓе создале навики, создале практики и менталитет кој е поштетен и повеќе погрешен од самите луѓе. Затоа, повеќе од борба против луѓето, нашата борба е против еден систем на моќ, против методите на владеење кои тие луѓе ги воспоставиле, против идејата која ја наметнале. Нашата цел затоа е со еден збор, со еден поим, со еден есенцијален пристап, разбирлив и објективен, да се спротивставиме на режимот кој се стабилизирал, кој ни влегол под кожа и кој живее околу нас и работи против нас. Се' уште немаме единствен одговор и противмерка за единствената лага или идеја на Груевски и преродбата.
Нормално е кога зборуваме за режим во Македонија, тој да го сведеме на груевизацијата и на поимот преродба. И ќе повторам, тоа не треба да го сфаќаме како личен каприц, како лична мана, на еден или повеќе луѓе, туку како системска грешка во употребата на власта и моќта. Која е основната мана на овој антисистем, која е есенцијалната грешка, надвор од посебните критики дека режимот е против слободата, против нашиот реален идентитет и историја, против напредокот, дека не изолира и создава поделби, дека е бесперспективен и бесцелен. Основната мана е што големата идеја, оваа преродба, нема цел.
Токму бесцелноста, целта која не се гледа, која е неразбирлива и погрешна, а со тоа и целта која не постои е најголемата грешка на овој режим. Тоа е суштината. Се лажеме ако мислиме дека овој антисистем има цел. Напротив, тој единствено има средства. Нема цел која ги оправдува или определува средствата, туку самата цел кореспондира со средствата, односно целта е да се заштитат и зајакнат самите средства. Нема повеќе погрешна, по неприродна состојба на нештата од тоа политиката, власта, моќта да бидат безразумни, да бидат без цел, односно се' да се сведува или легитимира со моќта сама по себе. Дури ниту макијавелистичката перцепција на моќта и политиката не ја разбира моќта како вредност сама за себе или сама по себе. Ние живееме состојба која може да ја опишеме како „средствата ги оправдуваат средствата“, нешто што е празно, што го уништува разумот, ја уништува самата причината политиката воопшто да постои. Односно, ја инструментализира политиката.
Системот на преродбата е погрешен во самиот поим, во самата идеја. Погрешната политика е таа која има најмногу влијание на речиси сите општествени процеси во земјата. Кога велам дека преродбата е погрешна, тоа значи дека самиот поим преродба и нејзината суштина се погрешни. Затоа што се погрешни сите нејзини манифестации кои се различни од декларираните (не)вредности на самата преродба. Или поточно, поимот преродба од самиот почеток бил погрешен, но тоа го разбираме само откако денешната суштинска погрешност ќе ја разликуваме од самиот поим или идеја за преродба. Како да го поправиме сето ова? Единствено со индивидуи и политики кои имаат заедничка цел и за својата цел користат демократски и легитимни средства, се разбира, се' додека е возможно тоа. Затоа и велам дека повеќе е тешко да се анализира или демистифицира нешто што конечно е апсолвирано. Минимумот критичка мисла и критичка свест се одржала во Македонија и ја исполнила својата општествена задача. Сега останува само конечната цел, да се урне преродбата. И ако целта е крајот на една апсолвирана, штетна, авторитарна и ненародна власт, со еден збор, погрешна власт, од која зависат сите или речиси сите состојби во земјата, тогаш ќе заклучиме дека нема поголема или повисока цел.
Но, не смееме да направиме една друга грешка. Откако заклучивме дека се бориме против нешто погрешно, нешто што нема цел, туку има единствено средства, ние не смееме да дозволиме целта да ни ја замати свеста.
Нашата земја е во криза, нашите вредности, историјата, идентитетот, нашата материјална и духовна егзистенција се сериозно загрозени од грешките на преродбата. Во ситуација кога една третина од нашето население живее во сиромаштија, кога над триста илјади луѓе се без работа, неодговорно е да се тврди дека цела Македонија не е во криза. Кризата е меч со две сечила, таа може да произведе нова свест и отрезнување, но може да доведе до нови илузии. Таква е најчесто несреќната страст на народот, односно, нетрпеливоста која Хегел ја опишува во „Феноменологијата на Духот“, „нетрпеливоста го бара невозможното , односно постигнување на целта без средства“.
Не треба многу да се преоптоваруваме какви ќе бидат средствата, се' додека не се деструктивни, се' додека не се насочени кон нечие понижување, тие се легитимни. Средствата ќе бидат најразлични, затоа што веруваме дека луѓето се различни, но во борбата за нивно заедништво, секој ќе го пронајде својот начин, својот отпор, своето средство за борба против преродбата.
Свеста за погрешноста која е пред очите на сите, за бесцелноста на една идеја, за нејзиното постоење единствено како средство за манипулација и злоупотреба.
И по сето ова, како конечно да ја дефинираме бесцелноста на преродбата, кој збор да го употребиме што би го обединил судот за се' што наведов. Мислам дека вистинскиот збор е нихилизам. Нихилизам, сфатен како трансформација на фактите и идеите во ништо, како скептицизам за сето она што е надвор од рамките на личниот интерес. Нихилизмот е отров, почетокот и крај на сите нешта, резервоар со тоталитарен потенцијал, кој токму преку својата незаинтересираност, бесцелност и безвредност ја уништува промената во самиот зачеток.
(Авторот е аналитичар) |