Не не' сплоти ниту Денот на востанието
И овој голем празник ја подели политичката елита и беше повод за препукувања
Александра М. Митевска
Со многу активности низ целата држава вчера беше одбележан 11 Октомври - Денот кога пукнала првата пушка во Прилеп и во Куманово. Прославата на 69-годишнината од почетокот на востанието на македонскиот народ против фашизмот го мобилизираше државно-политичкиот врв, се чини, како никогаш досега. Вообичаено, и овој голем државен празник ја подели политичката елита и беше повод за меѓупартиски препукувања.
Додека опозиционерите се собираа во Прилеп, на „востанието“ против власта, што требаше да се одржи синоќа и на кое требаше да се обрати лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски го подготвуваше говорот за Свечената академија во Домот на АРМ во Скопје, чиј почеток беше закажан еден час пред почетокот на опозицискиот собир. Претходно, претставници на власта со низа протоколарни активности им оддадоа почит на жртвите од НОВ.
Чествувањето на празникот почна во неделата вечерта со традиционалниот импровизиран напад на Прилеп, по што блесна и импресивен огномет. Пред Центарот на културата „Марко Цепенков“ беше откриена патека на славните, на која се испишани имињата на 13 познати прилепчани - Марко Цепенков, Круме Кепески, Ѓорѓи Ачески, Нада Г��шоска, Блаже Конески, Борко Лазески, Пеце Атанасоски... Но, еден од најголемите споменици на НОБ во центарот на Прилеп - Участакот остана затворен за посети. На руинираниот објект стоеше натпис дека се реновира, иако градоначалникот Марјан Ристески таква можност најави дури за идната година.
Челниците на Општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, пак, првпат по две децении самостојност, вчера положија венец цвеќе на Спомен-костурницата на паднатите борци во овој град.
Посветеноста на празникот што ја демонстрираа владејачките функционери ги изненади и опозиционерите кои планираа од Прилеп да и' испратат порака на власта дека неправедно запоставува еден важен период од македонската историја, дека се релативизира значењето на антифашистичката борба. „Првпат оваа власт е толку активна во одбележувањето на Денот на востанието. Тоа е резултат на нивниот паничен страв од нашиот собир. Но, добро е што ги мотивиравме да ги сфатат вистинските вредности“, изјави Андреј Петров, секретар на СДСМ.
Спроти празникот, опозициската НСДП одржа Свечена академија во Куманово. Оттаму лидерот на НСДП, Тито Петковски, жестоко ги нападна власта и премиерот Груевски, посочувајќи дека иднината на државата е во сериозна опасност со понатамошното опстојување на актуелната власт, чие владеење „потсетува на најмрачниот период од човековата цивилизација - фашизмот“ и на чии методи би можело да им позавиди и Гебелс. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека обраќањето на Петковски е говор на омраза и е навредливо за македонските граѓани.
Во меѓувреме, се разбудија и „жртвите на транзицијата“, кои се собраа пред централата на СДСМ за да му кажеле едно големо „не“ на Црвенковски.
Константните искричења меѓу власта и опозицијата од македонскиот политички блок не го заобиколија ниту овој државен празник. Од друга страна, евидентно беше дистанцирањето од чествувањата на партиите на Албанците. Единствено, заменик-министерката за образование Линдита Ќазими беше дел од владината делегација која положи цвеќе на партизанските гробишта во „Бутел“ и на гробот на генералот Михајло Апостолски.
Одбележувањето на 11 Октомври во Тетово поминаа без присуство на претставници на општинската власт. На полагањето цвеќе на Споменикот на револуцијата се појавија само двајца советници. „Носител на прославата треба да биде локалната самоуправа. Ова е државен празник и не треба да се остави на Боречката организација“, изјави Стојан Петрушевски од Сојузот на борците во Тетово. Тој реагираше и поради тоа што подолго од две години не се поставени бистите на народните херои Тодор Циповски- Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче.
Во Собранието на Македонија вчера беше доделена државната награда „11 Октомври“, што годинава им припадна на Раде Силјан, Глигор Тренчевски и Серафим Томовски. Во Битола, во организација на локалната самоуправа и Сојузот на борците, вчера беа откриени бисти на народните херои Вангел Нечовски-Тунело и Коле Лачето.
„Кревајќи се против фашизмот, македонските борци застанаа рамо до рамо со сиот правдољубив и демократски свет. Благодарение на 11 Октомври и на долгата и макотрпна борба што следуваше, се удрија темелите на независна Македонија, што беше потврдено и со Првото заседание на АСНОМ“, се вели во честитката што ја испрати по повод празникот претседателот Ѓорге Иванов. Премиерот Груевски, пак, во честитката наведува: „Наша обврска останува да го чуваме она за што нашите предци го дадоа својот живот и да продолжиме да го даваме својот придонес во нашите заеднички заложби за зачувување на основните вредности на кои е втемелено нашето општество - соживот, меѓусебно разбирање и почитување меѓу сите граѓани“.
Со нападот на борците од Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок и врз телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, на 11 октомври 1941 година беше означен почетокот на организираното востание на македонскиот народ против фашистите.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонија застана на страната на прогресивното човештво. Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Народноослободителната војска на Македонија до крајот на четиригодишната војна израсна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг. Круна на таа борба се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. (Во подготовката на текстот учествуваа дописниците на „Утрински весник“)
„Не“ на Црвенковски во Скопје
Реакции на митингот на социјалдемократската опозиција во Прилеп вчера се слушнаа во Скопје. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на специјално свикана прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, рече оти „жали што има партии кои одлучија и на ваков ден, државен и национален празник, да ги делат граѓаните по политички линии“.
„ВМРО-ДПМНЕ ги осудува обидите за злоупотреба на 11 Октомври за партиски цели. ВМРО-ДПМНЕ им се придружува на сите реакции, на граѓаните, на партиите, на Сојузот на борците, на бранителите, кои одеа во насока на неприфаќања на желбата за злоупотреба на овој празник“.
Истовремено, пред седиштето на социјалдемократите во Скопје се собраа неколкумина граѓани кои себеси се нарекуваат жртви на транзицијата. Тие велат дека се против митингот на СДСМ во Прилеп, бидејќи и тој град „е жртва на транзицијата од Бранко Црвенковски“.
На таквите изјави од Прилеп се огласи потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, кој рече дека поделбите ги прави ВМРО-ДПМНЕ и дека „жртвите на транзицијата“, всушност, се партиски војници на владејачката партија, чија задача е да ги дискредитираат активностите на опозицијата. „Вистинските жртви на денешната ненародна власт вечерва ќе ги видите во Прилеп“, возврати Георгиев. (П.Р.) |