Српските хулигани дивееја во Џенова
(13.10.2010г.-09:18ч.) Натпреварот од квалификациите за ЕП во фудбал меѓу репрезентациите на Италија и на Србија, беше прекинат уште во 6. минута на стадионот во Џенова. Причина за тоа беа српските навивачи, кои предизвикаа серија инциденти. Дел од нив уште во текот на денот влегоа во автобусот што ги пренесуваше српските репрезентативци и го нападнаа голманот Владимир Стојковиќ, затоа што од Црвена Звезда преминал во Партизан. Потоа, дивееја на стадионот, кинејќи ги мрежите од головите, поради што натпреварот доцнеше половина час. Само што почна, српските хулигани фрлија серија чадни бомби на теренот, па шкотскиот судија немаше друг избор, освен да го прекине натпреварот.
Инцидентите се преселија на улиците во Џенова, каде хулиганите се тепаа со „карабинерите“, при што биле повредени 16 лица, меѓу кои и двајца полицајци.
Србија, освен службен пораз од 3-0, ја чека и голема казна од УЕФА, а се шпекулира дека нашиот северен сосед неколку години ќе биде исфрлен од сите европски натпреварувања.
Низ Европа вчера се одиграа дваесетина натпревари, на кој беа постигнати следните резултати:
Азербејџан-Турција 1-0, Казакстан-Германија 0-3, Белгија-Австрија 4-4, Фарски Острови-С. Ирска 1-1, Естонија-Словенија 0-1, Белорусија-Албанија 2-0, Франција-Луксембург 2-0, Финска-Унгарија 1-2, Холандија-Шведска 4-1, Сан Марино-Молдавија 0-2, Летонија-Грузија 1-1, Грција-Израел 2-1, Швајцарија-Велс 4-1, Англија-Цр��а Гора 0-0, Данска-Кипар 2-0, Исланд-Португалија 1-3, Лихтенштајн-Чешка 0-2 и Шкотска-Шпанија 2-3.
|