ГОСТИВАР – Елен-капиталец е отстрелан во Националниот парк „Маврово“. Отстреланиот дивеч го пронашол ловочувар, кој го пријавил во полиција.
Според информацијата на СВР - Тетово, усмртеното животно било пронајдено на брегот на Мавровското Езеро, на 400 метри од заштитната ограда на резерватот, што се наоѓа во месноста Бунец. Во еленот бил пронајден еден куршум.
Отстреланиот дивеч е европски елен – женка-капиталец, стара шест години, а тешка над 150 килограми. Штетата се проценува над 3.000 евра.
Во Националниот парк „Маврово“ го потврдија отстрелот на еленот-капиталец и притоа изјавија дека ловокрадецот ќе се соочи со затворска казна. Во овој реон дивечот е заштитен. (К.К.)