Се изгуби духот на маалата
Урбанистичката мафија која се бори со молив создава урбанистички хаос, што само потврдува дека се работи за гол интерес на поединци
Билјана Ангеловска
Ликот на некогашните маала во Скопје се менува. Последниве години маалата интензивно се претвораат во густо населени простори. Се' поголем број население се концентрира во населбите блиску до центарот. Со масовната појава на уривање на индивидуалните куќи се изгуби маалскиот дух меѓу високите станбени згради никнати на нивно место. Дали станува збор за помодарство, потреба или за доходовен бизнис?
Во трката за приспособување на современите услови на живеење, очигледно се губи чувството на припадност. Се заборава наследената дедовина и се создава ново, лично богатство, во кое еден станбен простор нараснал неколку пати. Ова затоа што за куќата се добиваат најмалку два, а можеби и три стана, па дури и по некој дуќан. Многу често ваквиот нов животен простор не нуди толкав комодитет како во некогашните куќи, бидејќи становите се со далеку помала површина. Сепак, граѓаните се' почесто се одлучуваат на таква „жртва“. Тоа, секако, нуди одредени поволности, со оглед на динамиката со која се живее. Но, истовремено, носи и редица негативни појави со кои луѓето се судираат веднаш штом се вселат во новите објекти. Тесни улички, немање простор за паркирање, проблеми со притисокот на вода, со инфраструктурата...
Наспроти овие аномалии, трендот на продажба на куќите продолжува. Голем дел од сопствениците на индивидуални објекти се принудени да ги отстапуваат на градежни фирми, бидејќи куќите се стари и неопходна е поправка, која, пак, чини многу, а сепак, со тоа не се добива дополнителен простор. Доградувањето е огромен трошок, а од друга страна, со новите урбанистички планови се дозволува градба на објекти со повеќе катови. Тоа, за сопствениците на куќите е идеална шанса да добијат неколку стана и станбено да се обезбедат и за себе, но и за своите деца.
Изградбата на колективни станбени објекти на местото на индивидуалните куќи претставува многу доходовен бизнис, бидејќи фирмите го откупуваат земјиштето на кое се наоѓаат куќите, а на нивните сопственици за возврат им даваат станови во новоизградените објекти. Тоа придонесува за збогатување на оние што се занимаваат со таква работа, бидејќи на земјиштето кое го откупиле и за кое отстапиле два-три стана, ќе изградат барем 15-20 стана што ги продаваат по доста високи цени, со оглед на тоа дека локациите се блиску до централното градско подрачје.
Бројни се примерите за оваа појава. Се чини, трендот почна пред неколку години кога куќите во скопско Дебар Маало почнаа да се претвораат во големи станбени блокови. Така, на местото на кое пред само десетина години имаше три-четири индивидуални куќи и во кои живееја исто толку семејства, сега се никнати големи станбени згради, всушност, цели блокови со 20 и повеќе стана. Значи, најмалку пет пати повеќе семејства, исто толку коли, најмалку толку пати зголемени потреби. Потоа, појавата почна да се шири и во другите делови каде што индивидуалното домување беше белегот на населбите. Масовната изградба ги зафати Буњаковец, Тафталиџе, Водно, Пржино, Стара Чешма во Кисела Вода... Од каде дојде ваквата „мода“ кај нас и кој е главниот мотив што ги тера граѓаните на вакви чекори?
„Во Европа тенденцијата на заживување на градот тежнее кон полицентричност и зачувување на неговиот дух, па се јавува опасност од завршување на еден град, односно одземање на приматот град. За да се заштитат од ова, се градат нови културно-економски центри, се урбанизира руралната околина и се креираат нови станбени комплекси кои ги исполнуваат потребите на современиот граѓанин. Постарите граѓани се селат во куќи, младите ги населуваат централните делови, животот функционира со се' побрзо темпо“, вели архитектот Иван Мирковски, предавач на „Американ колеџ“ во Скопје и универзитетски лектор на Институтот за урбанизам при Техничкиот универзитет во Виена.
Според него, современите тенденции на новиот начин на живеење со себе носат и соодветни промени кои треба да се имплементираат за да може урбаниот механизам да турка. Градот е во фаза на константен раст, со што се менува и физиологијата на урбаната населба. Но, тоа неминовно произведува и нуспродукти, како што е губење на маалскиот дух, нарушување на визурите на градот и слично. Мирковски смета дека структурирањето на урбаната матрица поаѓа од три различни општи принципи: недвижност и брз профит, стриктно научен метод и социолошко-утопистички идеали. Сепак, категоричен е дека урбанистичкиот простор не може да биде целосно кроен од формули и правила.
Социологот Илија Ацески се согласува дека профитот е еден од главните мотиви за трансформирањето на индивидуалната во колективна градба. Тој смета дека Градот Скопје не ја контролира изградбата, па затоа се гради без цврста урбанистичка регулатива и инфраструктура тотално несоодветна за таков вид објекти со зголемен број станари. Инвеститорот гради и си заминува, но проблемите остануваат, а тоа е последица, како што вели, на урбанистичката мафија, која планира без визија развој на градските делови. Според Ацески, се капитализира заработувачката на поединци, а општиот интерес се доведува во прашање. Жално е, вели тој, што нема субјект да го брани јавниот интерес, бидејќи, по дефиниција, сите го штитат тоа. Урбанистичката мафија која се бори со молив создава урбанистички хаос, што само потврдува дека се работи за гол интерес на поединци.
Сепак, Ацески вели дека причината треба да се бара и во тоа што индивидуалните куќи во Скопје ја немаат историската и архитектонска вредност, бидејќи немаат голема амбиентална и естетска карактеристика. „Скопје по земјотресот беше градено со објекти кои немаат голема вредност, со релативно слаб квалитет, па сега луѓето си наоѓаат математика, ако ја продадат куќата, ќе излезат од тој, можеби не супстандарден, но далеку од современ начин на живеење и ќе живеат на некое повисоко ниво, а ќе добијат и два-три стана, дуќани. Тоа е чиста математика“, вели професорот Ацески.
За волја на вистината, луѓето понекогаш се принудени да ги продаваат куќите за кои се емотивно врзани, така што на крајот и најтврдоглавите попуштаат пред „посилниот“, особено кога куќата ќе се најде стисната меѓу висококатници од кои се надвиснуваат тераси.
„На Запад секој сака да живее подалеку од центарот. Кај нас, пак, идејата е дека квалитетно се живее ако е на плоштад. Градот нема соодветни сообраќајници, нема јавен превоз, иако сите функции се сконцентрирани во центарот. Кај нас, за жал, регулативата е многу растеглива во зависност од дневниот интерес. А, така не се градат градови. Скопје нема урбанистичка политика и ако не се направи нешто, за 15-ина години ќе биде пеколно да се живее“, заклучува социологот Ацески.
Илија Ацески, социолог ХЕНДИКЕПИРАН ПРОСТОР
Секој град кога ќе се наполни со 500.000 жители, мора најпрво да го реши јавниот превоз. Бидејќи, со добар сообраќај ќе добијат вредност и населбите, нема да се губи време да се дојде до центар, да се чека во колона по улица, на автобуска. Но, кај нас не работи свеста за такво нешто. Се' се натрупува во центарот. Во Европа, просторот нема значење на хендикеп, за разлика од кај нас, каде што си хендикепиран ако живееш на периферија, бидејќи си оневозможен брзо да дојдеш до центар.
Иван Мирковски, урбанист СТЕРИЛНО ПЛАНИРАЊЕ
Стриктно научниот метод е ниту посакуван ниту, пак, возможен. Од друга страна, ако се разгледуваат случувањата во Скопје, се забележува масовно издигнување на малите парцели и ситни инвеститори што го преземаат ткаењето на урбаното ткиво. Градското планирање е станато премногу стерилно и полека прераснува во научна професија, која, главно, се занимава со брз профит и враќање на инвестициите на сметка на вистинските потреби на граѓаните во контекст на изградената околина.
|