ТВ-Фотелја
Глобална реклама
Роберт Д. Крстевски
Во првата половина од 90-тите години една од најраширените клетви во Босна и Херцеговина беше „Да даде Господ куќата да си ја видиш на Си-Ен-Ен“. Пораката беше повеќе од јасна, а произлегуваше од брутално директниот начин на покривање на војната на територијата на поранешна Југославија од страна на американската телевизиска станица. Едноставно, не можеше да се замисли прилог ако зад известувачот од местото на настанот не чадеше тазе разурнати и изгорени куќи или станбени блокови. Уште ако од местото на настанот се јавеше во живо Кристијана Аманпур, сопствениците и нивните блиски и подалечни роднини можеа да очекуваат крајно вознемирувачки кадри.
На почетокот на новиот милениум, за жал, и Македонија со воениот конфликт го привлече вниманието на најпознатата глобална телевизиска мрежа. Ни денес нема консензус за прашањето што, всушност, се случи - војна наметната однадвор (од Косово), востание на Албанците од Македонија, борба за територии или за човечки и граѓански права. Босанската клетва поврзана со Си-Ен-Ен тогаш на своја кожа ја почувствува и овдешниот народ, кој се подели во однос на начинот на известување на Американците, во зависност од етничкиот ракурс.
Арно ама, секое зло за добро, вели истиот тој народ. Времето минува, работите се менуваат, па денес не само што не е непожелно да бидете видени на Си-Ен-Ен, туку напротив - сите (држави) се тепаат токму за тоа. И не жалат пари.
Така, преку Агенцијата за странски инвестиции, Македонија веќе две години се промовира на престижната ТВ-станица со седиште во Атланта, а неделава гледачите на „Ворлд уан“ и на „И-лист“ на Си-Ен-Ен имаат можност одблиску да се запознаат со земјава. Низ репортажите и интервјуата на Ана Корен и Ник Робертсон, Македонија доби шанса да му ја претстави на светот својата поубава страна. Колку тоа ќе придонесе за подобрување на имиџот на државата ќе покаже времето, но сигурно е дека не е мала привилегија можноста во глобални рамки да се образложат сопствените ставови за политичките, економските, културните, идентитетските прашања.
Според некои процени, Грците потрошиле 150 милиони долари само за медиумска поддршка за своето стојалиште во врска со името на северниот сосед. Нему можеби доцна му текна дека во денешно време се' се плаќа, вклучувајќи ја и наклонетоста на меѓународната јавност за прашањата од национален интерес, но подобро некогаш отколку никогаш. Никој не ви дава ништо на послужавник без да го заслужите или одработите.
Соработката со Си-Ен-Ен е добар пример за тоа како еден медиум, кој не толку одамна на овие простори се перцепираше како не многу наклонет на Македонија, може да се претвори во нејзин промотор. |