Изгоре „ауди“ на бившата кометалка Тања Медвед
Инцидентот се случи пред зградата во Заечар каде што живее познатата ракометарка
Поранешната ракометарка на „Кометал Ѓорче Петров“, Татјана Медвед (35), остана без својот автомобил. Нејзиниот „ауди А-6“ изгоре пред зградата во која живее во српскиот град Заечар. Се претпоставува дека причина за инцидентот била неисправна инсталација во возилото, но полицијата проверува дали пожарот бил подметнат, објавија белградските медиуми.
Автомобилот на поранешната српска репрезентативка изгоре во средата околу 4 часот на паркингот пред зградата во која живеела Медвед.
„Околу 4,15 часот ме разбуди мирис на палеж, погледнав низ прозорецот, го видов својот автомобил во пламен и се стрчав до паркингот. Голема среќа е што никој не е повреден и дека оганот не ја зафати продавницата за бои и лакови пред која се паркирав“, изјави Медвед за тамошните медиуми.
Медвед, чија кариера се ближи кон крај, во Заечар живее една година, каде што игра за тамошниот лигаш. Автомобилот, кој бил осигуран, го купила пред три години додека играла во Шпанија.
„Би сакала истрагата да покаже дека се запалила инсталацијата. Не би сакала зад ова да стои нешто друго. Никој не ми се закануваше“, тврди Медвед за весниците во Белград.
Тања Медвед пред десетина години беше дел од екипата на „Кометал Ѓорче Петров“, со кој играше забележителна улога во Лигата на шампионите. (Г.А.) |