Музика: Џош Винк
Дводецениско опстојување на глобалната електронска сцена
Џош Винк ќе се појави годинава на фестивалот „Егзит“, а неговата дискографска куќа „Овум“ ќе одбележи 15 години од постоењето
Бојан Шашевски
Џош Винк, дефинитивно, се вбројува меѓу најеминентните американски електронски продуценти, создавајќи музика и живеејќи за неа веќе две децении, а на овогодинешниот регионален фестивал „Егзит“ на присутните ќе им се претстави со специјален сет, со кој, би ја означил 15-годишнината од постоењето на сопствениот препозналив бренд, дискографската куќа „Овум рекордс“. Не признавајќи жанровски граници и постојано стилски варирајќи со музиката која ја презентира, Американецот истовремено поседува европски хит-синглови, голем лабел за потпишување албум-договори, константен прилив на фанови од денс-мејнстримот, а притоа добивајќи и позитивни оцени од илјадници андерграунд-фрикови. Винк ја покажа својата скромна природа и желба да остане цврсто на земја низ својата кулминација на успехот во средината на 1990-тите години.
Откако беше израснат низ импресумот од панк-рок ерата од 1970-тите, Џош Винкелмен беше инспириран од прилично различни видови денс ориентирани стилови, минувајќи низ фазите на групи како што се „Дипеш мод“, „Крафтверк“, па дури и „Ран-Ди-Ем-Си“. Тој се реши својот живот да го посвети на создавањето звуци уште од најраната возраст, а како тинејџер, Џош неуморно учеше да свири пијано повеќе од три години, притоа земајќи лекции и за кларинет. Неговиот интерес кон диџејството започна кога имаше 13 години, кога партиципираше, а потоа стана и ��ридружник на еден пријател во локално радиошоу. Од другарот поприми неколку трикови и совети кои послужија како музичка алатка во годините што претстоеја. Во тој време научи и индивидуално прифати факти за глобалниот животинскиот свет, па по стапките на својата мајка и брат, стана вегетаријанец. Во залезот на малолетникот период набрзина се запозна со диџејската опрема и започна да вежба миксање и поврзување електронски битови. Кон крајот на 1980-тите години, на една резидент-журка, случајно го запозна својот пријател Диџеј Кинг Брит, а откако станаа свесни за меѓусебната креативна енергија, почнаа да истражуваат и да прават сопствени музички теми. А, 1988 беше годината кога Џош Винк наполни 18 години, па веќе можеше и легално да се занимава со вртењето плочи во локалните ноќни клубови низ Филаделфија. Едно од првите продукциски обиди на дуото во раните деведесетти беше нумерата „Трајбл конфлужн“, издадена за њујоршкиот „Стриктли ритм рекордс“, а брзо потоа прелета низ ушите на Американците, експлодираше низ клупската и рејв-сцената низ континентот, овозможувајќи им на двајцата диџеи повеќе ангажмани. На своите клупски настапи имаше префинето чувство за хаус, индрустријал, њу вејв, па и хип-хоп. Анимирајќи ги клаберите, енергијата ја изразуваше многу несебично, а приливот на реката од емоции им немаше крај.
Веќе претставувајќи дел од источноамериканската денс-сцена, Винк сними три транс чудовишни теми во импровизираното студио во спалната соба, кои не помина предолг период за да се искачат на музичките листи низ цела Европа. Некои заинтригирани музички мозоци и наметнати критичари го видоа како уште едно момче од постер што ќе ги исполнува ѕидовите на тинејџерите, кои само што се навлекле на популарна електронска музика, па нежното лице и русите суканици ќе бидат совршен спој за „лошите девојки“. Меѓутоа, тој беше распнат од многумина и именуван како обична, кул техноличност, а неговото негување на вегетаријанскиот стил и идеалите за „стрејт“ живеење без никаква дрога на забавите, му го истакнаа уникатниот карактер, не чувствувајќи се ни малку загрозен и несрамежливо, противејќи се на прекумерната хедонизација и претенциозноста на модерниот свет на електронската денс-музика.
Откако во втората половина на 1994 година заедно со Брит ја започнаа идејата за формирање на „Овум рекордс“, инспирацијата за музиката започна непрестајно да тече да се разлева по дискотеките, клупските забави и домашните слушатели, а интернационалната соработка со артисти како што се Урсула Рукер, Трент Резнор од „Најн инч нејлс“ и „Рејдиохед“ беше мотив повеќе за продолжување со музицирањето. Речиси сите албуми што ќе дојдеа во негов раце завршуваа со потпишување на артистите под етикетата на „Овум рекордс“, под чија закрила, издаваше и своја музика, а темата Higher state of consciousness, освен планетарниот успех, свое место најде и на една од најпопуларните игри на денешнината - ГТА. Тој своевремено претставуваше албуми, ремикси од популарни теми, состави повеќе компилации од интересни артисти, а неговото последно студиско парче When A Banana Was Just A Banana, според самиот Винк, направи чекор напред и опфаќа широк, разнобоен спектар од електронска музика, спакувана на едно место и која никако не би можела да биде подложена на жанровска класификација.
„Никогаш не сум бил засегнат од минималните технокомпозиции. Денеска, повеќето продуценти се мрзливи, употребувајќи го оној истиот софтвер и техники. Разочаран сум со недостатокот на идеи, а самата креативност е многу важен дел од електрониката, како и од речиси секој сегмент од животот. Но, има артисти кои го фрлаат во канта егото, па не се плашат да побегнат од стереотипите и конвенционалноста. Има многу топлина и нечија душа оставено во темите. Што се однесува за мене, додека јас правам музика, често замислувам како би изгледале и играле луѓето на подиум, а комбинаториката од сурови звуци е само подлога за еден пософистициран стил, иако, никогаш не се предавам кон исти стилски поимања“, изјави тој во една прилика за познатиот музички Интернет-портал „Битпорт“.
Неговата моментален стил е мешавина од техно, есид хаус, драм енд бејс и музика со експериментални аранжмани. Тој многу често ќе рече дека прави звуци „кои се раѓаат низ интензивност и тензија“, а неговата работа најчесто прима влијанија од теории кои се темелат на пристрасни грешки, па експериментирањето со ефектите, филтрите и семплерите ја прават приказната уште поневообичаена.
Во 1996 година, познатиот новинар од маг��зинот „Ролинг стоун“, Френк Бротон, даде позитивна забелешка за неговата „чудна бучава“, која Џош знае на прекрасен начин да ја претопи во умствена, трипозна музика. Стилот му беше означуван и нарекуван и како „сензуално техно“, а неговиот Profound Sounds именуван како една целосна композиција отколку колекција ��д индивидуални, „хит на месецот“ теми.
Тој потврди дека инспирацијата ја црпел од луѓето кои се можеби најзаслужните за изгледот на денешната електронска музика, „Крафтверк“, а голема улога играл и хаусот од 1980-тите години, главно, вртен и форсиран од фаците во Чикаго. Тој е силен поддржувач на технологијата, која очигледно секојдневно ја менува опремата на диџеите, па нејзиното искористување треба да биде дел од животот на секој музичар.
Посветеноста и прекумерната љубов кон музиката Џош Винк го направија еден сосема обичен позитивен лик, но и артист, продуцент, ремиксер и сопственик на видна дискографска куќа, личност етикетирана како диџеј-пионер на американската рејв-култура на 1990-тите години, па се' до денес.
|