Однеси млеко, донеси кашкавал
Сточниот фонд е десеткуван, пазарот е жеден за млеко, а за она што се откупува се нуди ниска цена
Александрија Стевковска
Македонското сточарство тоне во амбисот на бесперспективност. Сточниот фонд е десеткуван, на пазарот постои недостиг од млеко и место откупната цена да биде повисока, таа се урива од страна на откупувачите. Така, млекопроизводителите добиваат цени за откуп на млекото што не овозможуваат ниту проста репродукција во рамките на ова производство.
Фармерите дури и се жалат дека некои млекарници место да им даваат пари, за млекото им плаќаат во натура, односно со кашкавал.
Сточарите се очајни. Тие едвај врзуваат крај со крај, а за своите проблеми ги обвинуваат откупувачите на млеко. „Млечна криза нема, бидејќи земјава нема доволно млеко. Но, има проблеми во млекопроизводството. Излегува дека полесно е да се увезе млеко, отколку да се откупува домашно произведеното млеко. Се враќаат 70-тите и 80-тите години од минатиот век кога се увезуваше млеко. Најлошо е што потрошувачите го преферираат увозното млеко, место да го купуваат домашното“, вели Вујадин Жигиќ, сточар од Скопско.
Според него, во земјава има драстично намалување на сточниот фонд.
„Иако Ветеринарната управа покажува податоци, според кои сточниот фонд во земјава не само што не се намалува, туку и се зголемува, јас најодговорно тврдам дека сточниот фонд е намален за 60 отсто. Млеко нема, а млечната криза се користи за да се намали цената на откупот. За откупувачите профитот е над се'. За литар млеко се плаќа од 8 до 15 денари, а за дел и воопшто не се плаќа“, објаснува Жугиќ.
Тој ја обвинува најголемата млекарница во државава, ИМБ, дека продолжува со увоз на млечна суровина, а домашното млеко го откупува по екстремно ниска цена.
„Дел од млекото се плаќа со сирење и со кашкавал. Ако не го прифатат таквиот начин, млекарницата не врши откуп“, вели Жугиќ.
Пеце Ѓорѓиевски, исто така, сточар од Скопско, ја обвини битолската Млекарница за вештачко создавање млечна криза во земјава. „Македонија отсекогаш имала недостиг од млеко. Кризата, всушност, вештачки ја создава битолската Млекарница за да ја намали цената. Денес е јавна тајна дека многу се увезува млеко, особено од Србија. ИМБ тврди дека не увезува, а, всушност, го прави спротивното. Не само с��рово млеко, туку и млечни преработки. Во пунктот може да се видат шлепери како истоваруваат готови преработки“, изјави Ѓорѓиевски.
И тој потврди дека шталите на македонските фармери, како и неговата, се речиси празни. „Некаде воопшто нема добиток или ако има, место 20 грла, сега се 10“, вели Ѓорѓиевски.
„Последиците од економската криза се чувствуваат секаде во земјоделството, а некои гранки, случајно или намерно, се доведуваат во кризна ситуација, така што проблемот со млекопроизводството е повеќе наметнат, отколку реален. Македонија нема доволен број млечни грла, па количеството произведено млеко не е на толку високо ниво да имаме суфицит на млечни производи. Увозот на млечни производи што кај нас се дефицитарни, кога е во поголеми количества, доведува до нарушување на нашиот пазар. Тука е проблемот и со ’Сведмилк‘, како и други проблеми што фармерите ги имаа во изминатиов период, кои доведоа до оваа таканаречена вештачка млечна криза. Се надевам дека ќе се најдат решенија, бидејќи земја што има сопствено производство, има и поголема стабилност. Не треба да се потпираме на увоз, бидејќи имаме ресурси што можат да ги задоволат сите наши потреби, а во тој случај ќе нема увоз и нашите производи ќе добијат на цена“, вели Зоран Даневски, претседател на агробизнис-комората при ССК.
Според него, откупната цена на млекото се турка надолу од страна на откупувачите, а сточарите соочени со проблемот што немаат каде да го понудат млекото, го даваат под реалната цена. „Нема договорна економија меѓу производителите и откупувачите, а тоа е поради неможноста државата да го штити сопственото производство. Сите држави со силно стимулирано производство своите производи ги пласираат на пазарите, како Македонија, по многу пониски цени. Тоа ги принудува откупувачите да ја намалуваат цената на млекото, а фармерите тешко можат да издржат со таква ниска цена“, додава Даневски.
Според министерот за земјоделство Љупчо Димовски, земјава се' уште не го достигнала нивото на модерно земјоделство, а целосно не се имплементирани ниту барањата на ЕУ во оваа област. „Но, Владата и натаму останува исклучително посветена на аграрниот сектор, за што сведочат 100 милиони евра поддршка за аграрот за годинава“, рече Димовски во своето вчерашно обраќање на Генералното собрание на Федерацијата на фармери на Македонија. |