Гламурот на црвениот тепих во Кан
Ветеранката Хелен Мирен им одржа лекција на своите помлади колешки, појавувајќи се во едноставна црна тоалета
Со светската премиера на филмот на Ридли Скот, „Робин Худ“ во средата и официјално беше отворено 63. издание на филмскиот фестивал во Кан. Неизоставен дел на големото случување се гламурозните фустани и натпреварот на познатите личности во тоа кој најмногу ќе заблеска на црвениот тепих.
И годинешното издание не е исклучок. Како за почеток на големото фестивалско случување пред стотиците фотобјективи продефилираа повеќе ѕвезди што работеле на својот фестивалски изглед речиси цела година. Црвениот тепих во Кан беше преполн со ѕвезди, кои дојдоа на премиерата на „Робин Худ“, а притоа на модните критичари им приредија изненадувања - што во позитивна, што во негативна смисла.
Главната актерка на „Робин Худ“, Кејт Бланшет, се појави во прекрасен црно-бел фустан со сребрен принт и потпис на покојниот дизајнер Александар Меквин. Таа, како што изјави, ја добила креацијата лично од трагично починатиот креатор, кој самиот ја одбрал на една од нивните последни заеднички средби. И додека Бланшет се шеташе во креација на Меквин, нејзината колешка, Кејт Бекинсејл, носеше раскошен фустан со потписот на Марчеса, кој предизвика раскол меѓу модните критичари. Некои во нејзиниот изглед гледаа елеганција, други коментираа дека фустанот е безличен. „Очајната домаќинка“, пак, Ева Лонгорија, според многумина, претера со изборот на белиот фустан на Пучи што направи да изгледа уште поситна.
Ветеранката Хелен Мирен им одржа лекција на своите помлади колешки, појавувајќи се во едноставна црна тоалета, дел од колекцијата есен 2010 на Ели Сааб, баш како и Селма Хајек, која облече фустан на Гучи со боја на вино. Хајек блескаше на црвениот тепих во асиметричен фустан и имаше чест да ја носи првата haute couture креација на модната куќа Гучи, за која ова е прв излет во светот на високата мода.
Покрај нив, на црвениот тепих во Кан прошетаа и Натали Имбрулија (носеше фустан на Алберта Ферети), сопругата на Расел Кроу, Даниел Спенсер, која се одлучи за Армани, индиската актерка Ајшварија Рај, која носеше прекрасна креација во боја на лаванда на Ели Сааб... |