Актуелно: Ријана
Европа на колена
Ријана на голема светска турнеја и промоција на албумот Rated R
Александар Митевски
Сите се вистински вчудовидени од новата Ријана на свежо започнатата концертна турнеја и нејзините замисли за стајлингот и сценографијата што ги инкорпорираше во мегаломанскиот циркус, кој започна да ја обиколува Европа. Таа е многу пожестока, поагресивна и отворена и уште дополнително посекси од онаа девојка што преку ноќ порасна и стана миленичка на посилниот пол. Оваа провокативна девојка можете да ја видите со ексцентричен шлем на главата, со уши на Мики Маус, како јава розеви топовски цевки, облечена во лудо едноделно боди и корсет, како и откачен костим за капење.
Црномурестата убавица од Барбадос моментално го живее својот голем музички предизвик, масивната концертна турнеја Last Girl On Earth, која е подготвувана веќе подолго време и е во функција на нејзиниот последен студиски албум. Речиси на сите закажани концерти интересот за неа е навистина огромен и сите карти се однапред разграбани. Ова 22-годишно девојче што го стресе музичкиот шоу-бизнис со својата појава и вокал осмисли за оваа нејзина турнеја вистинско енергетски набиено шоу во траење од околу 2 часа, за задоволство на нејзините верни фанови. Таа неодамна ја започна британската делница од својата светска турнеја, и тоа од Бирминген, а оваа мамутска турнеја што ќе опфати 62 концерта би требало да финишира некаде кон крајот на август и во почетокот на септември во Мексико. Инаку, ова е нејзина трета концертна турнеја во поддршка на нејзиниот четврт студиски албум Rated R, што за многумина претставува навистина вчудовидувачки податок за прогресивноста и нагорната линија со која оваа млада девојка се искачи до ѕвездите за релативно кратко време. Според очекувањата, нејзина гостинка и вистинско загревање на нејзината турнеја беше младата ѕвезда во подем, Пикси Лат, која очекувано ја пламна публиката во лондонската арена. Таа признава дека ја има големата привилегија да настапува со ѕвезда од формат на Ријана и дека таа навистина се однесува пријатно и непосредно кон неа додека во бекстејџот разговараат околу неизбежната тема - модата.
Според менаџментот на Ријана, тие се стационирани во Европа во периодот од 16 до 26 мај, одат во Азија за да го одработат концертот на 30 мај и потоа повторно се враќаат да ја довршат европската делница од турнејата до 6 јуни. Во ударниот летен период Ријана ќе оди со жестоко темпо и ќе атакува на американскиот континент целиот јули и до крајот на август, а финишот на турнејата насловена како „Последна девојка на земјата“ е закажан за 4 и за 5 септември во Мексико.
Според одличните импресии и коментарите по повод нејзиниот голем концерт(и) во лондонската О2 арена, таа приредила вистински спектакл, менувајќи повеќе стајлинзи и гардероби.
Новиот имиџ и осмислениот даркерски и помалку ексцентричен концепт ги стави во погон психоаналитичарите, кои на големо дебатираат околу новите сценски замисли на Ријана и нејзината потсвест. Концертниот настап започнува со вистински морничав глас, кој нараторски објаснува дека кога Ријана сонува, нејзините соништа стануваат реалност, а истото се случува и со страшните кошмари. Во нејзиното шоу за сите сетила можат да се забележи агресивна и провокативна иконографија составена од топлес машки танчери облечени во германски униформи од Првата светска војна, танчерки, кои со бејзбол-палки кршат автомобили, страшни чудовишта, а таа се појавува во нереални и изопачени костими за капење со пресликани рендгентски зраци и други драматични гардероби.
Многумина коментираат дека во трка со реалноста што ја наметна екстравагантната Лејди Гага и нејзините чудовишни трансформации и стајлинзи, така Ријана морала да го следи тој пат што го трасирала нејзината соперничка, со цел да го донесе предизвикот и на нејзините шоу-програми. Според многумина, тоа е реалноста и иконографијата на модерниот поп во денешно време и сите ги следат тие координати, со цел да ја задоволат публиката и ретко некој веруваше дека налудничавите идеи на креативниот тим на Хаус оф Гага ќе може да наметне една цела поворка од модерни ѕвезди од типот на Ријана, Бијонси и други кои ќе мора да стават таков зачин во своите концертни пакувања.
Нејзиниот концертен настап, според многумина, претставува психолошка слика за траумите што ги преживеала таа по инцидентот, откако беше брутално претепана од нејзиното момче Крис Браун и, всушност, сите пораки и скриени фусноти се однесуваат на н��јзината состојба и рефлексиите по овој настан.
Како и да е, нејзиниот креативен тим навистина осмислил одлично шоу во кое таа доживува и жанровски и имиџ трансформации од една аренби принцеза, до поп-дива, жестока денсерка, хипхоперка па дури и рокерка облечена во црна кожа која свири на гитара во нумерата Rockstar 101.
Во еден дел од шоуто таа ја пее својата омилена балада Wonderwall од Оејзис и со тоа отвора еден баладен блок, кој, според критичарите, е перфекционистички отпеан, но без искрени емоции во нејзината изведба. Сепак, таа во својот финиш се потпира на транспланетарниот хит Umbrella, кој е дијагонален пресек од сето тоа што се случувало претходно во сценска и емотивна смисла и го зачувува приматот на поп-принцеза, сервирајќи и на својата публика тоа што сака да го слушне.
Инаку, би рекле дека многу работи и тргнуваат од рака на младата Ријана во последно време и успесите ја следат на секој чекор и во концертната турнеја, како и во новите рекламни договори кои ги потпишува за светски познатите брендови. Таа влезе убедливо во врвот на Максимовите топ 10 женски персони од долгата листа на топ 100 светски ликови. Дека е навистина најбарана, говори и информацијата што ја пласираа таблоидите неделава во врска со еден нејзин приватен аранжман во еден лондонски ноќен клуб. Имено, газдите на познатиот клуб Бамбу во Ливерпул и платиле околу 50 илјади долари на Ријана за да биде гостин и да се забавува и пие Бакарди Бризер во нивниот клуб во времетраење од 1 час.
Таа, откако заврши со концертот во О2 арената продолжи неуморно да се забавува до 4 часот утрината по лондонските дискотеки, а стана и лесен плен на папараците, кои и покрај силното обезбедување, успеаја да снимаат провокативни фотографии од поднапиената Ријана.
Таа на големо најавува дека се подготвува да ја запали студената Шкотска со својот патувачки музички циркус и за таа пригода ги подготвила своите нови сценски изуми – љубовниот автомобил од 1960-тите, многу акробати и застрашувачки сребрени танчери. Очекува со задоволство да ги следиме успесите на оваа талентирана барбадосанка, која решила да заврти нов лист во својата кариера, имиџ и музика. |