Обама: „Индонезија е дел од мене“
ЏАКАРТА - Американскиот претседател Барак Обама вчера изјави дека уште многу нешта треба да се направат за да се поправат нарушените американски односи со муслиманскиот свет, во признанието за тешкотиите во искоренувањето на „годините на недоверба“. Во говорот во кој беше нагласена носталгичната посета на Индонезија, каде што живеел четири години како момче, Обама зборуваше со симпатии за детството во најнаселената муслиманска земја во светот. „Индонезија е дел од мене“, изјави Обама и потоа замина за да присуствува на самитот Г-20 во Јужна Кореја, што е негова следна станица на десетдневната азиска турнеја.
Неговиот говор беше ажурирање на главното обраќање што го даде пред 17 месеци во Каиро каде што најави „нов почеток“ во американско-муслиманските односи по тензиите поради 11-септемвриски напади и одговорот на администрацијата на Буш на нив.
Од неговото обраќање во Каиро останаа несогласувања и кај двете страни. Ал Каеда се' уште бара начини да ги напаѓа своите западни непријатели. Мал напредок е направен во решавањето на израелско-палестинскиот спор, и американските војници се' уште се во Ирак и во Авганистан. Како резултат на тоа, довербата во Обама е намалена во голем број муслимански земји. „Во изминативе 17 месеци направивме одреден напредок, меѓутоа, останува уште многу да се направи“, изјави Обама. Уште додаде „ниту еден говор не може да ги избрише годините на недоверба“, но вети: „Без разлика какви неуспеси може да дојдат, САД се посветени на хуман прогрес. Такви сме ние. Тоа е она што ние го направивме. Тоа е она што ќе го направиме“.
Обама беше принуден да ја скрати посетата на Индонезија, двапати одложена, поради загриженостите дека облак со пепел од вулканот Мерапи би можел да го спречи претседателскиот авион да полета навреме за да присуствува на самитот на Г-20 во Сеул. Меѓутоа, неговиот скратен распоред се' уште му остава простор за посета на џамијата Истиглал во Џакарта, најголем храм во југоисточна Азија, и за говор на Универзитетот Индонезија.
Говорејќи пред толпа од илјадници лица што го пречекаа како рок-ѕвезда, Обама изјави дека Индонезија е моќен пример како една нова демократија работи на развојот на својата економија и муслиманска држава, која е толерантна во однос на другите религии. Тој го зачини својот говор со индонезиски зборови и фрази, привлекувајќи аплауз и овации од, главно, помладата популација. (Ројтерс) |