Жестоки кавги пред самитот на Г-20
Курсот на валутите ги скара најмоќните земји пред самитот во Сеул
СЕУЛ - Преговарачите на Г-20 се обидуваат да ги прикријат острите разлики во глобалните економски политики, по еднодневни жестоки расправии додека нивните лидери вчера се собираа за самитот во Сеул. Делегатите, кои го осмислуваат финалното соопштение што ќе биде објавено по самитот на Г-20 што завршува утре, и натаму се далеку приближување на разликите по главните прашања вклучувајќи го курсот на валутите, изјави портпаролот на Г-20, Ким Јон Кјунг. „Мораше да ја отвориме вратата бидејќи дебатата стана толку жестока што просторијата се загреа“, изјави тој.
Лидерите на Г-20 се надеваа дека овонеделниот состанок, петти едноподруго, од експлозијата на финансиската криза во 2008 година, ќе одбележи почеток на нова ера на глобална соработка. Домаќинот, Јужна Кореја, испечати плакати на кои беше испишан слоганот „Заеднички раст по криза“. Меѓутоа, единството постигнато во криза го поплочи патот за разидување на националните политики, кои рефлектираа многу брзо закрепнување од рецесијата, поттикнувајќи ги критичарите да се посомневаат во ефикасноста на Г-20.
Одлуката на американската Банка на федерални резерви минатата недела да потроши дополнителни 600 милијарди долари за купување владини обврзници привлече укор од четири континенти и ја интензивираше дебатата во Г-20 околу тоа како најдобро да се поддржи закрепнувањето и да се избегне друга финансиска криза.
Критичарите посочуваат дека Банката на федерални резерви ги игнорирала глобалните реперкусии - послаб долар и наплив од евтина готовина, која може да си го пронајде патот во пазарите во подем - и го наруши кооперативниот дух што Г-20 напорно работеше да го зачува. Критиката му отежна на Вашингтон да изврши притисок врз Кина да му дозволи на јуанот побрзо да расте, централно прашање во глобалните напори за повторно стабилизирање.
Нагласувајќи го тоа кинескиот официјален претставник кој помага во осмислувањето на коминикето на Г-20, изјави дека лидерите не треба да дискутираат за јуанот или за која било друга валута. Официјалниот претставник на Индија изјави дека финалното соопштение нема да издвои ниту една валута.
Соединетите Американски Држави добија одредена поддршка од верниот сојузник Британија. Министерот за финансии Џорџ Озборн, изјави дека силна американска економија е во најдобар интерес на Азија и светот, повторувајќи ги коментарите од претседателот Барак Обама, кој вчера во текот на денот требаше да пристигне во Сеул.
Ким, портпаролот на Г-20, изјави дека 40 до 50 официјални лица беа собрани во мала просторија во вторникот на 14-часовна сесија, и имаше зголемување на тонот кога дискутираа за рамката за балансиран раст, за што лидерите на Г-20 се надеваат дека ќе биде камен-темелник на самитот. (Ројтерс)
|