Шарон е уште во кома, неговата политика живее
Силниот човек на Израел е во блага кома, самостојно дише и се храни преку стомачна цевка. По пет години во болница, наскоро ќе биде префрлен на својот ранч во пустината Негев
Поранешниот израелски премиер Ариел Шарон е во кома речиси пет години. Меѓутоа, неговото присуство се' уште лебди над политичкиот курс над земјата. Дали тој конечно ќ�� постигнеше мир со Палестинците? Оние што најдобро го познаваа даваат некои одговори.
Седнат на терасата на ресторанот „Дубнов“ во Тел Авив, тој е многу сличен на татка си. Омри Шарон (46), не обрнува големо внимание на појавата. Облечен е во стара маичка, затегната кај стомакот, носи стари сандали и има пиштол на појасот. Неговиот говор на тело е дефанзивен. И тој не сака да разговара, особено не со новинари. Секако, не сака да зборува ниту за својот татко. Пред две години Шарон мина неколку месеци в затвор откако беше осуден за собирање илегални донации за изборната кампања на татка си во 1999 година.
Не се само двата сина на кои Ариел Шарон им остава тешка оставина кога го доживеа тешкиот мозочен удар и падна во кома пред речиси пет години. До денес целата земја живее со последиците од политиката што ја почна поранешниот премиер, но никогаш не беше во можност да ја заврши. Шарон беше тој што ја нареди изградбата на безбедносниот ѕид, што беше дизајниран да го заштити Израел од терористички напади, но исто така и е претпоставена можна граница меѓу Израел и идната палестинска држава. Тогаш тој ги повлече еврејските доселеници од појасот Газа, потег што потоа беше проследен со преземањето на власта од страна на исламистичката група Хамас во овој крајбрежен регион.
ЧУВАРИ ПРЕД БОЛНИЧКАТА СОБА
Шарон, кој сега има 82 години, последниве 53 месеци е во кома во медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Хашомер, источно од Тел Авив. Болничкиот центар за рехабилитација е во источниот дел на огромниот кампус. На вториот кат, десно од лекарскиот кабинет, се наоѓа врата со стражари седнати пред неа.
Во почетокот секој што влегуваше во собата на Шарон мораше да носи хируршка маска, ракавици и стерилна облека. Меѓутоа, неговиот имунолошки систем оттогаш се стабилизираше. Бронхитисот повеќе не е болест опасна за живот на Шарон, кој сега може да биде лекуван со антибиотици. Сепак, само мал број луѓе го посетуваат. Неговите синови се успешни во намерата да го чуваат изолиран. Всушност, ниту една фотографија од познатиот пациент не е излезена во јавноста.
Шарон е во блага кома, самостојно диши и се храни преку стомачна цевка. Во голема мера ја има задржано телесната тежина, па дури е и малку поправен. Има периоди кога спие и кога е буден, очите му се отворени. Телевизорот, вообичаено е вклучен на каналот Нешенел џиографик, кога тој е буден. Медицинските сестри и посетители му пуштаат класична музика и, секако, вести.
Синовите, кои секојдневно се во посета неколку часа, се надеваат дека тој на крајот ќе се разбуди и ќе биде способен да седи и да ги види своите внуци. Лекарите се поскептични. Во следните неколку недели Шарон ќе биде префрлен дома на неговиот обожаван ранч во северниот крај на пустината Негев.
Откако Шарон падна во Кома, партијата Кадима, која ја формираше, стана најсилната фракција во израелскиот парламент - Кнесетот. Кадима не можеше да го спречи изборот на поранешниот колега на Шарон, член на партијата Ликуд, Бенјамин Нетанјаху да стане премиер. Изјавата на Шарон дека израелското присуство во палестинските територии е „окупација“ активираше динамика, која, конечно, го принуди Нетанјаху да го прифати решението за формирање на две држави - во најмала мера реторички.
Но, каква личност беше Ариел Шарон?
Шаим Ерез е 74-годишен човек и е седум години помлад од Шарон. Пензионираниот генерал застана пред понтонскиот мост. Единицата на Ерез беше првата што го мина Суецкиот Канал во 1973 година во Јом Кипур војната. Шарон, кој беше командант за Јужната команда на армијата ја издаде наредбата за преминување на Каналот, одлука за која беше жестоко критикуван. Наместо брзо да напредува нему му беше наредено да ги држи израелските позиции на источниот брег од Суецкиот Канал. Денес Ерез вели дека Шарон бил во право. „Тој знаеше дека ниту еден план не може да се имплементира токму како што е наредено. Арик ја трансформираше војната во успех“.
Приказната на секретарката
Неговата импулсивна природа го спречи Шарон дополнително да напредува со армијата. „Булдожерот“, како што тогаш беше нарекуван, наместо тоа влезе во политиката. Во времето на Манахем Бегин, првиот премиер од редовите на Ликуд, Шарон беше именуван за министер за земјоделие во 1977 година, а подоцна беше и министер за одбрана.
Марит Данон беше главен секретар во кабинетот на премиерот - меѓу 1990 и 2001 година, таа беше во администрацијата на четворица премиери од поширок политички спектар: Јицак Шамир, Јицак Рабин, Шимон Перес и Ехуд Ба��ак. Кога Шарон и неговиот десноориентиран блок Ликуд победи на изборите во февруари 2001 година, нејзиниот свет се распадна. Таа се плашеше од Шарон, особено откако ја прочита биографијата од израелскиот новинар Узи Бензиман. Книгата со наслов „Израелскиот Цезар“, презентира слика на немилосрден маж кој смета дека е постојано во војна: против Арапите, против политичките непријатели и против сопартијците. Таа наскоро сфати дека нејзиниот впечаток за човекот е целосно погрешна. „Откако почина татко ми, никогаш не сум сретнала човек што ги третираше жените со таков респект“, вели Данон. „Тој стануваше секогаш кога ќе влезев во просторијата. Никогаш не излегуваше од просторијата пред мене. И секогаш ми ја отвораше вратата“. Според Данон, повлекувањето на сите 8.000 доселеници од појасот Газа беше нервозна одлука за него.
Меѓутоа, ако некој може да го презентира прашањето околу политичката трансформација на Шарон, тогаш тоа е Дов Вајсглас. „Се чувствувам непријатно велејќи го ова“, вели Вајсглас, „меѓутоа, јас сум оној што го создаде премиерот Шарон“. Кога Вајсглас се сретна со Шарон во 1982 год��на, тој работеше во Правниот оддел на Министерството за одбрана. Младиот адвокат ја подготвуваше изјавата на Шарон пред Истражниот комитет задолжен за утврдување кој е одговорен за масакрот во бегалските кампови Сабра и Шатила. Како што се одолговлекуваше истрагата така Вајсглас стана личен адвокат на Шарон. Осумнаесет години подоцна Шарон бараше некој кој ќе го води кабинетот на премиерот. „Шарон беше преполн со самодоверба во тоа време“, вели Вајсглас. „Иако беше еден до најомразените луѓе сепак успеа да се избори да биде избран за премиер. Критиката не го погодуваше, ниту, пак, пофалбите“.
Вајсглас им предложи договор на Американците. „Израел ќе се повлече од појасот Газа и во замена Вашингтон треба да ги признае поголемите населби во Западниот Брег. Американската влада почувствува дека Шарон само се обидува да се ослободи себеси од товарот со повлекување од населбите во Газа и побара од него да исчисти три дополнителни населби во Западниот Брег. „Не добивате ништо за повлекувањето од Газа“, рече Вајсглас, цитирајќи го Американците, „но за уште три населби во Западниот Брег ќе добиете писмо од Буш“.
Шарон се согласи. На 14 април 2004 година, американскиот претседател му испорача на Шарон писмена гаранција дека „фактите на теренот“, кои се во сила од 1967 година, ќе бидат признати како дел од мировното решение.
Вајсглас се сомнева дека Нетанјаху ја има храброста на Шарон кога станува збор за справување со тврдокорните сили на десницата. Какви се шансите да се разбуди од кома? Статистичките податоци не се во негова корист. Но, медицината е како љубовта: „Нема ’никогаш’ и нема ’секогаш’“. (Дер шпигел) |