„Слаткиот живот“ се скисели
Марчело Мастројани и Анита Екберг во култната сцена во римската фонтана Треви
РИМ - Педесет години откако Анита Екберг се прскаше во фонтаната „Треви“ во Рим, Италијанците стравуваат дека нивниот славен стил на живеење „долче вита“ (сладок живот) стана кисел. Годишнината од објавувањето на „Ла долче вита“ (Сладок живот), во 1960 година, се прославува со изложби и ретроспективи, но Италија се обидува да закрепне од најлошата рецесија од Втората светска војна.
Невработеноста е повеќе од осум проценти, а бројот на работоспособното население што се класифицира како „неактивно“ - ниту се вработени ниту бараат работа - достигна рекордни 15 милиони во август, што е највисоко ниво откако статистичките агенции почнаа да ги следат податоците во 2004 година. „Педесет години од ремек-делото, слаткиот живот, за жал, стана само далечно сеќавање“, напиша неделава еден од најголемите весници во земјата, „Ил месаџеро“. „Се чини дека заминаа годините на безгрижно живеење, кога се' беше можно во Италија, како и во американскиот сон“.
Филмот „Ла долче вита“, кој го режираше Федерико Фелини, стана симбол за една безгрижна ера во која поствоениот економски бум донесе просперитет за милиони луѓе, а железниот стисок на Римокатоличката црква врз обичаите на земјата почна да олабавува. Но, препуштањето на задоволствата и на хедонизмот во шеесеттите години од минатиот век се заменети од непријатното сознание дека земјата е во ужасна економска теснина, додека, пак, многу Италијанци стравуваат дека слабата коалиција на Силвио Берлускони е толку заглавена во политички борби за власт и секс-скандали што ризикува да биде парализирана. Актерката Сандра Мајло вели дека времето на „Ла долче вита“ е завршено. „Нема ништо останато од тоа. Љубовта за фантазија, за сонување, повеќе ја нема. Никој повеќе не верува во тоа“, вели таа.
Бидејќи Берлускони уште еднаш се најде вовлечен во скандал, овој пат поради неговите наводни врски со тинејџерка танчарка на стомачни танци и професионална кол-герла, голем број Италијанци стравуваат дека живеат во многу потемна визија на „Ла долче вита“. Едно од изненадувањата што се случија минатата година е „Видеокраси“, нискобуџетен филм што ја прикажува способноста на Берлускони да влијае на јавното мислење преку неговата контрола врз главните телевизиски канали во Италија. Еден рецезент го опиша како „горчлив ’Долче вита’ за современото време“, а друг како „ноќен кошмар во стилот на Фелини“. (Дер шпигел)
|