Нема решение за Западна Сахара
МЕНХЕСЕТ - Мароко и Движењето за независност Полисарио повторно ги одбија меѓусебните предлози за иднината на Западна Сахара, на разговорите засенети од насилството во територијата, изјави во вторникот посредникот на ОН. Меѓутоа, долгогодишните непријатели се согласија да продолжат со ограничени мерки за градење на довербата и да го забрзаат темпото на меѓусебни средби, што медијаторот Кристофер Рос го нарече „нова динамика“ во бав��ите преговори.
Западна Сахара е поранешна шпанска колонија во северозападна Африка, која беше анектирана од Мароко во 1975 година, предизвикувајќи отпор од фронтот Полисарио. На територијата во понеделникот еруптираше насилство кога мароканските безбедносни сили растурија протестен камп во близина на најголемиот град во Сахара, Лајоун. Полисарио соопшти дека 11 цивили ги загубиле животите, додека, пак, Мароко посочи дека осуммина припадници на нивните безбедносни сили се убиени.
Во соопштението по два дена разговори во Менхесет, во близина на Њујорк, Рос изјави дека и двете страни се придржувале до „атмосфера на заедничка почит“.
Рабат предложи Западна Сахара да стане автономен регион во Мароко. Полисарио инсистира на референдум меѓу Сахравите. Западна Сахара, ретко населен пустински простор со големина на Британија, има богати риболовни локации во близина на нејзиното крајбрежје и резерви од фосфати, кои се користат за производство на ѓубриво и детергент. (Ројтерс)
|