Шпанија
Растат сончеви чадори над Севилја
Неверојатно, но масивните дрвени чадори за сонце, кои се градат во шпанската Севилја, кога ќе бидат завршени идната пролет ќе станат најголема дрвена структура на светот. Овој урбан проект, наречен „Метропол парасолс“, ќе претставува плоштад во сенки, каде што ќе има пазар, а во него ќе има културен центар и музеј. Конструкцијата на масивните чадори за сонце веќе е во тек, а би требало да биде завршена до пролетта 2011 година. Чадорите за сонце ги дизајнираше германската компанија „Ј. Мајер Х.“ во соработка со „Арупа“.
Во почетокот на новиов век на истото место почнала изградба на подземна гаража, но работниците наишле на археолошко наоѓалиште, па градбата е откажана. Место гаражата, градските власти одлучиле над наоѓалиштето да изградат општествен центар. Фирмата „Ј. Мајер Х.“ во 2004 година е избрана за дизајнирање на урбаниот плоштад, како и за чадорите за сонце што ќе вклучуваат музеј за историскиот локалитет, пазар, ресторани, барови, како и шеталиште на врвот на градбата.
„Метропол парасол“ го истражува целосниот потенцијал на плоштадот „Плаза де ла енкарнасион“ да стане нов урбан центар на градот. Негова улога е да стане важен културен, трговски и забавен центар, во самото средиште на „густото градско ткаење на средновековната Севилја“, наведуваат архитектите.
Големите чадори за сонце ќе создаваат сенка на плоштадот и ќе направат микроклима, што ќе поттикнува бројни активности. Веднаш под потпорните столбови на чадорите се наоѓа археолошко наоѓалиште, како и објекти што ќе помогнат при истражувањето на локалитетите. Просторот во ниво на земјата ќе служи како пазар за земјоделците, но и како место за ресторани и за барови. Плоштадот, исто така, ќе биде место за концерти и за бројни други случувања. Посетителите ќе можат да се искачат на врвот на структурата низ потпорните столбови и да пешачат на шеталиштето и да го разгледуваат градот.
Проектот покажува неколку нивоа на плоштадот - археолошко на самото дно, забавни (пазар, концерти, барови) во ниво со улицата, како и дрвена купола со променада. Погледот од воздух открива дека структурата ќе создава големо подрачје на ладовина за посетителите и ќе го намалува загревањето на околниот простор. (Ј.П.) |