Седумгодишен штитеник прегазен на пругата во Драчево
Детето е пронајдено мртво осум дена по неговото исчезнување. Се бара истрага и одговорност за неговата смрт
Даниела Трпчевска
Со фатални повреди по главата и по телото, седумгодишниот Мартин Тасев, штитеник на Домот за деца без родители „11 Октомври“, е пронајден мртов завчера изутрина крај пругата во атарот на скопското село Драчево. Според првичните сознанија, момчето загинало од удар на воз неколку часа пред случаен минувач да го пронајде неговото безживотно тело.
Седумгодишното дело од Штипско пред осум дена избегало заедно со својот постар брат од училишниот двор. Неколку дена подоцна, неговиот брат е пронајден во Битола и е вратен назад во домот. Но, од малиот Мартин осум дена немало ниту трага ниту глас. Надлежните тврдат дека пребарувале под дрво и под камен, но детето како да пропаднало в земја. Министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, вчера побара сериозна истрага за случајот. Се бара одговор од сите инволвирани институции, како е можно седумгодишно дете да исчезне, јавноста за тоа да дознае дури по неговата смрт, но и како детето стигнало до Драчево и дали само се обидувало да се качи на воз?
Седумгодишниот штитеник на Домот за деца без родители заедно со својот брат на 18 ноември 2010 година околу пладне побегнале од часовите во основното училиште „Кочо Рацин“. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, за настанот веднаш биле известени нивниот старател и директорот на Домот за деца без родители, а била известена и полицијата. Поголемиот брат го пронашле на 22 ноември во Битола, по што повторно е вратен во Домот, но истиот ден пак побегнал.
Министерот Бајрами бара од истражните органи да ги испитаат сознанијата на братот на детето со кого заедно побегнале.
„За мене е сомнително како може дете со седум и пол години, примено во домот во септември, да одлучи да побегне од училиштето и да замине со воз во некој од градовите во Македонија од населбата Драчево“, изјави министерот Бајрами.
Тој бара надлежните органи да ја лоцираат одговорноста и да се поведе кривична одговорност за сите што пропуштиле да преземат нешто или ги навеле децата на бегство. Министерот не ја лоцира одговорноста во вработените во Домот „11 Октомври“, бидејќи децата со возило се носат до училиште и по часовите се земаат, а детето избегало за време на наставата.
По осум дена бегство, момчето е пронајдено завчера околу 10,30 часот од страна на случаен минувач, кој го забележал детскиот труп крај пругата во атарот на селото Драчево.
„По преземените мерки, утврдено е дека детето починало поради повреди на главата и телото. По наредба на истражен судија, телото е предадено на обдукција, по што е утврден неговиот идентитет. Станува збор за седумгодишниот Мартин Тасев, кој бил пријавен за исчезнат на 18 ноември годинава“, велат во МВР.
Првиот човек на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, по извршената обдукција врз телото на момчето, потврдува дека тоа починало од удар на воз, а дека трагедијата се случила пет-шест часа пред да биде пронајдено телото.
Покрај полицијата, на увидот присуствувале и претставници на „Македонски железници“. Извори оттаму објаснуваат дека детето било пронајдено до самиот колосек, на потегот по Маркова Река, каде што од десната страна има неколку куќи на периферијата на Драчево.
„Станува збор за потег што не е многу фреквенте�� и можеби затоа не било веднаш забележано детето кога се случила трагедијата“, коментираат извори од МЖ. |