Интервју
Ги стимулираме програмерите на „Андроид“ во Македонија!
Сашо Србаков
„Платформата ’Андроид‘ е алката што недостасуваше во мобилната индустрија, бидејќи сите чинители вклучени во екосистемот: корисниците, операторите и производителите имаат добитна комбинација“, вели , менаџер за бизнис-иновации во операторот „Оне“
Никола Бурагев
Мобилниот оператор „Оне“ во соработка со популарниот тајвански производител на мобилни уреди HTC организираше натпревар меѓу македонските програмери за избор на најдобра Андроид-апликација. Натпреварот ќе овозможи промоција на платформата на „Андроид“ и на HTC-смартфоните, како и поддршка и унапредување на инвентивноста на програмерите во Македонија. На кандидатот што ќе го освои првото место ќе му биде овозможена посета на корпорацијата HTC во Лондон. Најдобрите три апликации ќе бидат наградени со 6.000, 4.000 и 2.000 евра, а најуспешните десет програмери ќе добијат и по еден смартфон од HTC. По тој повод разговаравме со менаџерот за бизнис-иновации во „Оне“, Сашо Србаков.
Факт е дека оперативниот систем „Андроид“ е се' попопуларен во рамките на мобилната индустрија, но на луѓето што не го зборуваат програмскиот јазик не им е доволно познато што, всушност, значи „Андроид“. Зошто оваа платформа е толку значајна и за што служат апликациите „Андроид“ што се создаваат за потребите на мобилните уреди?
Популарноста на оперативниот систем за мобилни телефони „Андроид“ доаѓа од неговата достапност. Оперативниот систем „Андроид“ е производ на „Гугл“, сите производители на мобилни телефони може да го имплементираат во своите мобилни телефони и тие доаѓаат со огромен број апликации со најразлична примена за крајните корисници. За секоја потреба на корисникот може да се најдат и по неколку апликации што ќе му помогнат да ги задоволи своите потреби.
Зошто „Телеком Словенија“ и „Оне“ се одлучија да организираат ваков натпревар и како ја оценувате неговата успешност?
Уверени сме дека оперативниот систем „Андроид“ во голема мерка ги исполнува очекувањата и потребите на современиот корисник на нашиот пазар, така што прифатливите цени за телефонските апарати и поддржувањето на локално изработени апликации е сосема природна насока. Но, исто така, на овој начин создаваме заедница на програмери, заинтересирани за изработка на апликации, а на кои можеме да им помогнеме во нивниот развој како професионалци и експерти што ќе придонесат во развојот на локалниот пазар. Поради тоа, сакаме да ги стимулираме и самите производители на апликации во зависност од нивниот бизнис-модел соодветно да им ги понудат своите апликации на нашите корисници.
Какви апликации произлегоа од овој натпревар, во смисла на квалитет и употребна вредност?
Кандидатите имаа рок да ни ги испратат апликациите до 19 ноември 2010 година. Пристигнаa огромен број апликации, секоја од нив е корисна во сегментот за кој е наменета. Комисијата ќе работи во наредните две недели за да ги избере десетте најдобри апликации и мислам дека ќе има тешка задача, бидејќи концептуално употребната вредност на апликациите е голема. Она што комисијата сега треба да провери е квалитетот на апликациите, нивните функционалности и корисничкиот интерфејс.
Натпреварот го организирате заедно со тајванската компанија HTC. Како дојдовте до соработка со овој популарен производител на мобилни телефони и што, всушност, значи оваа соработка за учесниците и воопшто за Вашата компанија и за акционерите во „Оне“?
„Оне“ беше прв оператор на македонскиот пазар што понуди мобилни телефони со оперативниот систем „Андроид“. Уште повеќе, првиот телефон „Андроид“ што го понудивме на македонскиот пазар беше HTC Hero. Соработката со претставниците на оваа фирма за Македонија отсекогаш била на одлично ниво, па кога се решивме да го почнеме овој натпревар и кога им ја образложивме идејата, тие веднаш ја прифатија соработката.
Натпреварот предвидува вредни парични награди за најуспешните програмери. Но, што ќе се случи со предлозите што нема да бидат прифатени? Како се регулирани нивните права, во чија сопственост ќе останат апликациите?
Предлозите што нема да бидат прифатени, програмерите може да ги понудат на пазарот на „Андроид“ или, пак, може да воспоставиме соработка и преку нашиот портал да им ги понудиме на нашите корисници. Авторските права за апликациите се нивни и тие може да располагаат со нив понатаму.
Во маркетот „Андроид“ моментно има околу 100.000 апликации, од кои поголемиот број се бесплатни, но платформата iOS на „Епл“, сепак, убедливо води со над 300.000 апликации. Може ли да ги споредите двата моментно најпопуларни оперативни система и да направите споредба за квалитетот на апликациите во двете платформи?
На „Епл“ му беа потребни неколку години за да стигне до бројката од 300.000 апликации. „Андроид“, пак, за околу 18 месеци успеа да стигне до 100.000 апликации, како и до 25 отсто од пазарот на т.н. „паметни” телефони (смартфони). Квалитетот на апликациите зависи од програмерите и од кориснoста и корисничкиот интерфејс. Колку повеќе една апликација е корисна и има едноставен кориснички интерфејс, толку ќе биде поприфатена и користена.
Како експерт за бизнис-иновации, според Ваше мислење, која е перспективата на оперативниот систем „Андроид“?
Мобилната телефонија е многу динамичен пазар што се развива неверојатно брзо и нејзините корисници постојано имаат потреба од нови услуги. Оперативниот систем „Андроид“ е производ на потребите на мобилната индустрија и како таков е основа за нејзин натамошен развој. Платформата „Андроид“ е алката што недостасуваше, бидејќи сите чинители вклучени во нејзиниот екосистем имаат добитна комбинација:
- корисниците добиваат изобилство од корисни апликации за секаква намена,
- операторите добиваат оперативен систем што не е зависен од одреден производител на мобилни апарати, така што може да набавуваат за подобри цени од повеќе производители,
- производителите на мобилните уреди добиваат оперативен систем за чие одржување и унапредување се грижи некој друг, додека тие може да му се посветат на дизајнот и функционалноста на мобилните уреди. |