Акции на странски берзи ќе може, ама кога?
Измените на Законот за девизно работење стојат во фиока и се' зависело од ЕУ, велат од Министерството за финансии
Соња Маџовска
Подгответе ги парите за купување акции во „Кока-Кола“, „Мекдоналдс“ или некој златен рудник. Ама кога ќе се случи тоа, се' уште е неизвесно.
Од Министерството за финансии оптимистички велат дека инвестирањето на светските берзи ќе им биде достапно и на македонските граѓани, со измени на Законот за девизно работење. Оттаму објаснуваат дека измените на законот тие веќе ги подготвиле и стојат во фиока, ама за да се имплементираат, требало да почекаме прво Европскиот парламент да ја одобрел втората фаза од Договорот за асоцијација и стабилизација. Вака ни ја опишаа од ова Министерство состојбата во врска со либерализацијата на инвестирањето надвор од земјава. Кога ќе се случи усвојувањето на таа втора фаза, и по неколку пати прашувања и објаснувања, портпаролката на финансии, Ивана Билбиловска, постојано ни го повторуваше истиот одговор. „Направени се сите подготовки за измени на Законот за девизно работење, тие ќе се имплементираат кога Европскиот парламент ќе ја усвои втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација“.
Но, за разлика од финансии, од Канцеларијата на Европската комисија во Скопје објаснуваат дека, всушност, таа втора фаза значи почнување преговори со ЕУ. Од друга страна, познато е дека поради нерешените политички прашања и проблемот со името, тоа нема изгледи да се случи брзо. Министерството за финансии доколу има волја, може да ја направи либерализацијата веднаш, но, сепак, се повикува на европските институции. „Во извештајот на Европската комисија се нотира дека земјата уште пред две години ги има исполнето барањата од првата фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација, а направени се законски усогласувања што ќе стапат во сила откако земјата ќе влезе во втората фаза, граѓаните ќе може да тргуваат со хартии од вредност на странските берзи. Советот на ЕУ веќе има усвоено одлука за продолжување кон втората фаза на Договорот за стабилизација и асоцијација, која треба да биде усвоена од Парламентот на ЕУ. Инаку, во заклучокот на извештајот се вели дека земјата има постигнато напредок во областа на слободно движење на капитал, особено во брз трансфер на пари и спречување перење пари“, е официјалното објаснување од финансии.
Експертите сметаат дека државата треба да го измени Законот за девизно работење, бидејќи сега на овој начин со сила се спречува инвестирањето надвор. Сепак, тие сметаат дека за либерализирање на инвестирањето во монетарно злато, мислење треба да дадат монетарците и Народна банка на Македонија, додека за купувањето акции на светските берзи сите се согласни дека треба да се дозволи. „Како на нашата берза можат да учествуваат странци и да инвестираат, а нашите не можат на нивните берзи да купуваат акции. Тоа е дискриминирачки. Многу луѓе од Македонија инкогнито, онлајн и сега купуваат акции на берзите во Германија, Австрија, тоа државата не може да го регистрира и да го санкционира. Тоа значи дека треба да се либерализира тој дел постепено, не да биде преку ноќ“, вели поранешниот министер за финансии, Никола Поповски. Едед дел, пак, од експертите сметаат дека со сегашната забрана за инвестирање надвор се спречува одливот на девизи, но дека во исто време има еден куп други начини со кои се стимулира, како што е, на пример, увозот на половни автомобили. Според нив, многу е подобро одливот на девизи да оди за инвестиции отколку за купување друга стока. „Досега не се менуваше тоа од аспект на девизниот биланс, сега полесно се контролираат приливите и одливите на девизи. Сепак, тоа мора да се случи, тоа е и наша обврска со приближувањето кон ЕУ. Инвестир��њето во акции на светските берзи ќе биде можно преку брокерските куќи. Како може Хрватите и Словенците да можат да купуваат акции на нашата берза, а ние да не можеме да купуваме на нивните“, вели аналитичарот Јанко Тренковски. И директорот на Македонската берза, Иван Штериев, деновиве во интервју за нашиот весник потврди дека во стручните кругови во Македонија постои консензус дека таа либерализација е неминовна и дека земјава мора да се интегрира во тековите на регионалните и глобалните финансиски пазари, иако тоа може да има и негативни импликации врз нашата берза. Иако тоа не им оди на рака и на Инвестициските фондови и оттаму велат дека инвестирањето на светските берзи мора да се дозволи. „Во секој случај тоа еден ден мора да се случи. Но, генерално тоа ќе биде наменето за големите инвеститори, а на малите нема да им се исплати, бидејќи ќе бидат обременети со многу големи трошоци. За нив, инвестирањето надвор подобро е преку инвестициските фондови“, вели Горан Марковски од КБ Публикум.
Се' додека не се измени Законот за девизно работење, единствен прозорец кон светските берзи за сите ќе останат инвестициските фондови. Само преку нив домашните инвеститори можат да ги оплодат своите пари со вложување во акции на светските берзи.
|