14.10.2012, 15:10 Минималната плата да биде 15.000 денари
Минималната плата треба да изнесува повеќе од 15.000 денари, сметаат граѓаните. Ова го покажала последната анкета на Институтот за социјална демократија „Прогрес“. Само шест проценти од испитаниците сметаат дека минималната плата треба да изнесува меѓу 8.000 и 10.000 денари, 4,92 проценти велат дека минималната плата треба да биде над 10.000 денари за да се има некаков пристоен живот, 16 проценти до 12.000 денари, 32 проценти до 15.000 денари, и 43 проценти над 15.000 денари.
Според анкетата на „Прогрес“, две третини од граѓаните сметаат дека минималната плата треба да важи за сите веднаш, без да има преоден рок за определени дејности. Од „Прогрес“ соопштуваат дека анкетата е спроведена во периодот од 28 до 29 јуни годинава, на репрезентативен примерок на национално ниво во чиј фокус бил ставен Законот за минимална плата, а биле опфатени 1.150 испитаници. Главните заклучоци од анкетата се дека за 67 проценти од испитаниците законите во Македонија не ги штитат работниците и работничките права. (Ек.Р.) |