16.10.2012, 13:04 Револуционерниот Ентони Брекстон го отвора „Скопскиот џез-фестивал“
Во пет вечери, од 19 до 23 октомври, со полноќна програма, на Џез-фестивалот гостуваат значајни имиња од САД, Јужна Америка, Европа и Африка
Со концертот на големиот чикашки саксофонист Ентони Брекстон, во петок на 19 октомври во Македонската опера и балет, ќе се отвори годинашното, 31 издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Во петте фестивалски вечери, до 23 октомври, во МОБ, Универзалната сала и во Сити хол центарот, љубителите на џезот ќе имаат можност да проследат четиринаесет концерти на значајни музичари и состави кои доаѓаат од САД, Јужна Америка, Европа и Африка.
Директорот на СЏФ, Оливер Белопета, на денешниот прес истакна дека годинашново издание ќе понуди ексклузивна, шарена, но во истовреме и компактно осмислена програма. И годинава Џез-фестивалот ќе биде збогатен со полноќна концертна програма, а сите музичари, освен Ентони Брекстон, за прв пат ќе настапат во Скопје. Џез-фестивалот овој пат нуди и еден дополнителен концерт како оф-програма, концертот на групата балкански музичари „Бекјард џез-оркестра“, кој ќе се одржи на 28 октомври во киното „Фросина“.
Покрај споменатиот Ентони Брекстон, кој е легенда во џез-музиката, и кој создаде уникатен музички систем, а кој во Скопје ќе го претстави новиот проект со квартетот „Diamond curtain wall“, во првата вечер ќе ги видиме Данците Пјер Дорг со „Њу џангл оркестра“, кои исто така му носат на џезот нови звуци. Дорг се смета за најинтересните фигури на данската музичка сцена, а неговата музика е успешен микс од азиска, африканска, афро-американска и се разбира, европска традиција, како производ на неговата љубопитност за други култури.
На 20 октомври или на втората вечер од СЏФ, МОБ е резервирана за настапот на триото на бразилскиот виолинист Рикардо Херз, а потоа и на шпанското трио „Бенавент-Ди Џиралдо-Пардо“. Свинг, грув и шармантни импровизации, се најкусиот опис за музиката на Херз кој го редефинира начинот на свирење на виолина. Триото на басистот Карлес Бенавент, тапанарот Тино ди Џералдо и саксофонистот и флејтистот Хорхе Пардо, пак, се смета за состав од исклучителни мајстори на фламенко-џез фузијата и досега соработувале со сите значајни мајстори на шпанскиот музички израз.
Третата вечер, 21 октомври, исто така во МОБ, е посветена на европскиот џез денес, со швајцарското трио „Малколм Браф“ и шведско-норвешкиот состав „Атомик“. Како што кажува и самото име, централна фигура на швајцарското трио е пијанистот Малколм Браф кој го доведува техничкото мајсторство на својот инструмент до совшенство. „Атомик“, пак, формирани во 2000 година, очекувано се едни од добрите предводници на скандинавската џез-сцена која е полна со иновативност.
Последните две фестивалски вечери, на 22 и 23 октомври ќе се случуваат во Унивезралната сала. На 22 ќе настапат „Пет Мартино трио“ и „Емброуз Акинмусири квинтет“. Пет Мартино, кој потекнува од Филаделфија, се смета за еден од навозбудливите џез-гитаристи и досега соработувал со легендарни имиња, додека калифорнискиот трубач Емброуз Акинмусири, лани беше прогласен за трубач на годината од страна на Асоцијацијата на џез-новинари.
Последната џез-вечер се концертите на квартетот на Томаш Станко и американскиот состав „Мајлс смајлс“. Станко го нарекуваат „полскиот Мајлс Дејвис“, и со тоа се кажува дека е водечки џез-трубач и композитор.
А, како што кажува и самото име, групата „Мајлс смајлс“ е под влијание на култниот Мајлс Дејвис кој беше предводник на развојот на американската џез-традиција.
Во рамките на полноќната програма на „Скопскиот џез-фестивал“, во Сити хол-центарот од 19 до 22 октомври ќе настапат сенегалскиот состав „Ле шанел“, потоа Ентони Џозеф и „Спасм бенд“ од Велика Британија кои ќе донесат фри-џез и афро-карипски фанк, на 21 октовмри е настапот на британскиот „Хиден оркестра“, додека на 22 октомври е концертот на „The Thing“ со Џо Мекфи кој се смета за гласник на американската џез-авангарда. (Т.И.)
|