18.10.2012, 12:43 Лидија Димковска го промовира романот „Резервен живот“
Вечерва во 20 часот, во клубот ГЕМ во Старата чаршија, книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезировска и Гоце Смилевски
Издавачката куќа „Или-или“, вечерва во клубот ГЕМ во Старата чаршија, во 20 часот, ќе го промовира новиот роман на Лидија Димковска, под наслов „Резервен живот“. Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезировска и Гоце Смилевски.
„Резервен живот“ е втор роман потпишан од Лидија Димковска, несомнено најсилниот творечки глас од генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите. Реткост е, не само кај нас, да се биде подеднакво успешен и во поезијата и во прозата, но таа реткост е правило кај Димковска, правило кое го потврдува со секоја своја објава - таа е еднакво моќна во своите пет поетски збирки (за чија вредност сведочат многубројните избори објавени во странство, и неколкуте високи меѓународни признанија), како и во романот „Скриена камера“ (за кој ја доби наградата „Стале Попов“ и е преведен на неколку јазици).
„Резервен живот“ е приказна за две сијамски близначки родени со споени глави, Злата и Сребра, и за нивната потрага по смислата на животот обележан од физичката мана во семејната и општествената средина на осаменост, другост и (не)прифатеност. Личната драма чие испишување се протега во периодот од 1984 до 2012 година од Скопје до Лондон и назад, е отсликана на фонот на времето ние кое протекува животот на нараторката Злата опфаќајќи ги и оние настани кои се дел не само од индивидуалната, туку и од колективната меморија и историја.
Димковска досега објавила пет поетски книги и романот „Скриена камера“ (награда „Стале Попов“). Нејзините дела се преведени на англиски, германски, словенечки, полски, словачки, бугарски и романски јазик. (Т.И.)
|