17.10.2012, 14:14 Саат-кулата во Гостивар си го врати стариот лик
Заврши првата фаза од конзервацијата на културно-историскиот споменик од 1566 година
Киро Кипроски
Гостивар - Од пред неколку дена симболот на Гостивар – Саат-кулата го доби автентичниот лик на сите четири фасади. Конзерваторскиот центар од градот за малку повеќе од два месеца квалитетно ги заврши работите на првата фаза на проектот за конзервација на овој културно-историски споменик изграден во 1566 година.
Работниците го извадија нестручно поставениот малтер на сите четири фасади, кој пред две години беше поставен од градежна група ангажирана од гостиварски бизнисмен кој немаше добиено дозвола од Конзерваторскиот центар. Нестручно беше интервенирано на фасада и притоа беше нанесена штета. Како што не' информираа конзерваторите, исчистен е цементниот малтер поставен на фугите на 320 квадратни метри фасада, а потоа во нив се поставени соодветни заштитни средства. Се интервенираше на четирите пушкарници, кои ги задржаа постојаните позиции. Исто така, беше извршено чистење и заштита од временски влијанија со хемиски препарати на 35 квадратни метри дрвенарија. На северозападната страна беа отстранети камени скали и беа изградени нови, со нормален крак каде што се наоѓале првобитните за влез во кулата. За реализација на овој зафат беа потрошени 1.000.000 денари од Министерството за култура.
Напролет ќе продолжат работите на втората фаза на ентериерното уредување на Саат-кулата и на оспособување на просторот за туристички посети и за одржување мултимедијални проекти. Во неа ќе бидат поставени повеќе фотографии од Гостивар што датираат од минатиот век, преку кои посетителите ќе можат да се запознаат со некогашниот лик на градот.
Според зборовите на архитектката Билјана Кузмановска, задоволни се од квалитетот на изведбата на првата фаза на овој значаен културно-историски објект, а идната година кога ќе завршат сите планирани интервенции, се очекува тој да биде посебна туристичка атракција. Моментално се изведуваат работите на втората фаза од заштитата на споменикот на културата Бегова куќа изграден во 18 век, кој претставува уникатен примерок на автентичната староградска архитектура. Се работи на зајакнување на неговата темелната партија, ќе се продолжи со зајакнување на меѓукатната конструкција, а годинава работите ќе завршат со поставување нова фасада на четирите страни. Идната година треба да се реализира последната фасада - етериерно уредување. Со тоа целосно ќе заврши конзервацијата и реставрацијата на овој споменик на културата, на кој му се закануваше пропаѓање, а отштетувањата, пред се', настанаа со реализираната непланска изградба, без дозвола, на трговскиот центар што се наоѓа до Бегова куќа.
Конзерваторскиот центар идната година преку реализација на градежни и занаетчиски работи ќе ја конзервира куќата на Ахмет Чоко, која се наоѓа, исто така, во Гостивар и се смета за репрезентативен објект од 19 век.
|