20.10.2012, 12:44 Скопска премиера на мјузиклот „Декамерон“
На сцената на МНТ вечерва ќе биде прикажан новиот мјузикл на бугарскиот режисер Боњо Лунгов, кој премиерата ја имаше на „Охридско лето“
По премиерата на годинашното „Охридско лето“, мјузиклот „Декамерон“ вечер премиерно ќе биде изведен и пред скопската публика во Македонскиот народен театар. Претставата е копродукција на МНТ и Театарот за деца и младинци, во режија на Боњо Лунгов од Бугарија. Адаптацијата и драматизацијата на текстот е на Иван Теофилов.
Режисерот Лунгов, кој има долгогодишна соработка со Театарот за деца и младинци и на неговата сцена поставено голем број претстави, е задоволен од симбиозата што се создала меѓу актерите од двата театра која, како што рече на прес-конференција, ретко се случувала во копродукциите на кои досега работел. Мјузиклот, посочи тој, е тежок жанр за изведба зашто бара умешност - и во играта и техниката, но дека треба да биде на секој репертоар.
Претставата е посветена на љубовта и нејзиното влијание врз карактерот на човекот кој, рече Лунгов, има повеќе од едно лице, а во претставата тоа се потенцира. - „Декамерон“ кажува животот да се живее зашто е убав, да се мисли на денес, а не на смртта и човек да се оддаде на емоциите. Претставата е весела и позитивна, а зборува за многу важни работи, рече Лунгов, кој ги пофали актерите од двете куќи.
Иако соработува и со театри во соседните земји, бугарскиот режисер рече дека Македонија, Скопје и овдешниот театар му се слабост. - Секоја годна работам во овој град и го чувствувам како дел од мојот живот, рече Лунгов.
Од квалитетот на заедничкиот проект се задоволни и директорите на МНТ и Театарот за деца и младинци, Дејан Лилиќ и Драган Довлев. Идејата е од пред една и пол година, кога Лунгов ја поставил „Волшебникот од Оз“, но за да се реализира „Декамерон“ каков што бил замислен, требало и поголема сцена од таа што ја има Театарот за деца. Ова е и негова прва копродукција со друг театар.
Во едно и пол часовниот мјузикл вклучени се 40-ина учесници. Од ансамблот на Театарот за деца и младинци настапуваат актерите: Тања Павловска-Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Марија Ѓорѓијовска, Мики Анчевски, Бојан Кирковски и Емра Куртишова, а од МНТ учествуваат: Јелена Јованова, Арна Шијак, Владимир Јачев, Магдалена Ризова и Славиша Кајевски. Сценограф и костимограф е Дилјана Прванова, а музиката е на Михаил Шишков.
|