15.10.2012, 14:24 Bеле Смилевски добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поемa
Наградата на добитникот свечено ќе му биде врачена на 6 февруари следната година во Охрид
Писателот Веле Смилевски е годинашниот добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски литературен јазик. Смилевски ја доби наградата за поемата „Век за самување“, доставена под шифра „Илуминација“, на конкурсот што го организираат Редакцијата на „Детска радост“ од Скопје и Домот на културата „Григор Прличев“ од Охрид.
Во образложението за наградата на жири-комисијата, во состав: Бран��о Цветкоски - претседател и Санде Стојчевски и Јовица Тасевски-Етернијан - членови, се вели: „Поемата ’Век за самување‘ донесува самосвесен и прочистен пев, кој е во плодоносна комуникација со големите светски поеми што значат висок дострел во европската и во светската литература. Овој моќен пев, од почетокот до крајот, се одвива супериорно, со очигледна полифонија, со продуктивна алузивност и со семантичка и мошне ефикасна флуентност, својство кое овозможува да се чита на повеќе рамништа и планови. Со други зборови, таа го користи принципот - од едно грло повеќе гласови, поведувајќи го читателот по најразлични можни насоки, од кои секоја ветува и нуди богата естетска наслада. Поемата е заситена со мноштво симболи кои моќно ја армираат и ја искреваат како пев што се открива како плетенка од конкретни и метафизички созвучја“.
Жири-комисијата, како што вели во своето соопштение, уште еднаш го искажува своето задоволство зашто оваа година современата македонска литература се збогатува со едно исклучително дело, кое избива во самиот врв не само на жанрот поема, туку и, воопшто, во рамките на севкупната македонска литература.
Наградата на добитникот Веле Смилевски свечено ќе му биде врачена на 6 февруари следната година во Охрид. (Т.И.) |