18.10.2012, 15:46 „Декамерон“ - мјузикл за убавината на животот
На сцената на МНТ во сабота ќе биде прикажан новиот мјузикл на бугарскиот режисер Боњо Лунгов, кој премиерата ја имаше на „Охридско лето“
Мјузикл посветен на љубовта. Претстава која се занимава со истражување на љубовта и со тоа како таа го менува човечкиот карактер. Со овие зборови е опишан мјузиклот „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во копродукција на Театарот за деца и младинци и Македонскиот народен театар, кој скопската премиера ќе ја има в сабота во МНТ во 20 часот. Премиерно, „Декамерон“ беше поставена на 18 август во рамките на „Охридс��о лето“. Режијата, идејата за костимите и сцената се на бугарскиот режисер Боњо Лунгов, кој долги години соработува со Театарот за деца и младинци, додека драматизацијата и адаптацијата се на Иван Теофилов.
Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ, на денешниот прес истакна дека ретко се прават копродукции меѓу македонските театри, па ова е голем потег. „Пред повеќе од една година имавме средба со директорот на Театарот за деца и младинци, Драган Довлев, и дојдовме на идеја две македонски театарски куќи да направат копродукција, што кај нас е реткост. Бидејќи Театарот за деца и младинци има капацитет да застане на голема сцена и да направи квалитетна претстава, реализацијата на овој проект одеше брзо“, рече Лилиќ.
Драган Довлев, пак, истакна дека ова е прва копродукција на Театарот за деца и младинци и се надева дека таквата практика ќе продолжи оти се покажала успешна. „Мислам дека направивме добар потег. Задоволни сме од соработката со МНТ и се надеваме на уште вакви копродукции во иднина. Инаку, идејата да се постави ’Декамерон‘ тргна од режисерот Лунгов, кој минатата година додека ја работеше претставата ’Волшебникот од Оз‘ ми рече дека е во фаза од својата кариера кога може да го постави текстот на Бокачо. Му предложив да ја работи кај нас. Да биде онаков ’Декамерон‘ каков што тој и неговата екипа ја замислиле“, рече Довлев. Тој додаде дека претставата е комплексна и дека најголемиот квалитет лежи кај актерите, односно во симбиозата што се создала меѓу нив.
Сценографијата и костимите се на Дилијана Прванова, а музиката на младиот композитор Михаил Шишков, и двајцата од Бугарија. Во претставата играат: Татјана Павловска-Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Јелена Јованова, Арна Шијак, Магдалена Ризова, Владимир Јачев и Славиша Кајевски.
Инаку, „Декамерон“ (1348-1353) е најзначајното дело на Бокачо со кое тој отворил нови тематски области од личниот и интимниот живот, ги потврдил новите ренесансни погледи на човечкиот живот, а на новелата и' ги поставил класичните изразни рамки.
Првата реприза на „Декамерон“ е веќе в недела, а потоа ќе биде ставена на редовниот репертоар на МНТ. (Т.И.)
|