06.03.2012, 17:54 Наумовски: Уставниот суд не е Бог
Првиот човек на Уставен ја оцени финансиската и кадровската ситуација како „алармантна“
Гордана Дувњак
Уставниот суд не е Бог, не е крал, ниту марионета, туку е орган кој има свое посебно место во Уставот, со строго определена надлежност, а една од најб��тните е да одлучува за согласноста на законите и на другите прописи.
Ова, на вчерашната годишна средба со новинарите, го нагласи претседателот на Уставниот суд, Бранко Наумовски, искористувајќи го поводот да одговори и на критиките изнесени во јавноста на нивна сметка од колумнисти, политички партии, поединци и новинари. Тој подвлече дека уставните судии не се тие што одлучуваат за тоа дали треба или не треба закон, но задача и обврска е на овој Суд да се произнесе дали тие се во согласност со Уставот. Наумовски потенцираше дека тие како судии не бегаат од поединечната и колективната одговорност, но секој што се наоѓа на државна функција или друга одговорна работа, добро знае дека без почитување на институциите и нивните одлуки,нема правна држава и владеење на правото.
Во своето излагање, првиот човек на оваа институција, посебно се задржа на финансиската и кадровската состојба, која ја оцени како „арлармантна“. Илустрирајќи го тоа со бројки, тој кажа дека работите од нивната надлежност судиите ги извршуваат со уште 20 вработени, иако порано со помал обем имало 35 вработени, а во последните две години испразнетите места не се пополнети. Од вкупниот буџет кој изнесува 560.000 евра, 67 отсто оделе на плати, а остатокот од 184.000 евра бил далеку под минимумот за функционирање на ваква институција.
„Уставниот суд е еден од ретките државни органи чиј буџет со години наназад е непроменет. Анализата на податоците покажува дека судот секоја година добива околу 20 отсто од минимум потребните средства, што го доведува во прашање нормалното функционирање“, објасни Наумовски. Тој се пожали дека не располагаат со финансиски средства за модернизирање на информатичкиот систем, за набавка на тонско снимање, обука, па дури и дека се единствена иституција која нема сопствено возило.
Според првиот човек на оваа институција, заради лимитираните средства, Уставниот суд не е во можност да ги исполнува финансиските обврски поврзани со членството во меѓународните организации за уставна правда.
Сепак, Наумовски не беше дециден дали тоа може да се толкува како притисок врз Судот. Запрашан како го коментира тоа што за исти правни прашања, судиите интервенирале неколкупати, бидејќи законодавецот повторно носи исти решенија, тој рече дека очигледно станува збор за непочитување на Судот и побара Собранието да поведе сметка за тоа.
Што се однесува до конкретната иницијатива околу автентичното толување на амнестијата, Наумовски рече дека станува збор за нова иницијатива добиена пред два месеца и се' уште е далеку од одлука. Минатата недела, уставните судии воочиле дека не се почитува одлуката за укинатите патриотски фискални сметки и одлучиле соодветно да реагираат.
Статистика
Уставниот суд лани постапувал по вкупно 361 иницијатива, од кои 236 се новопримени, а 125 се пренесени од претходната година. Од нив се решени 231, а 130 останале како незавршени. Најголем број или 203 иницијативи се поднесени од граѓани, а останатите од правни лица, претпријатија, здруженија, политички партии и други организации.
Според видот на актите, најголем број, или 143 иницијативи, се однесуваат на оспорени закони, околу 58 на подзаконски акти на органите на државната управа, локалната самоуправа, јавните претпријатија, три се однесуваат на колективни договори, еден на статут, додека 23 се однесуваат на заштита на слободите и права на граѓаните.
Со одлуки за укинување, завршени се 31 иницијатива, една со поништување, три со одбивање, Судот не нашол основ за поведување постапка во 99 иницијативи, 88 се отфрлени со решение, во пет случаи постапката е запрена, а четири се завршени по административен пат.
Обемот на работата на Судот во последните три години, не е ниту зголемен, ниту намален. |