06.03.2012, 18:27 Нашите инвестициски потенцијали презентирани во Пуне
Премиерот Груевски на индиските бизнисмени им порача дека многу компании ја избираат Македонија за порта кон европските пазари
Владината делегација вчера присуствуваш�� на бизнис-форумот „Растечките инвестициски и трговски можности во Македонија” во индискиот град Пуне, на кој присуствуваа претставници на повеќе глобални компании од автомобилската индустрија во Индија. На форумот се обрати Арвин Капур, претседател на Индиската асоцијација за автокомпоненти и сопственик на компанијата „Рико ауто индустрис“, кој истакна дека автомобилските компании бараат нови локации кои нудат намалени трошоци за производство. Премиерот Никола Груевски рече дека многу мултинационални компании ја избираат Македонија за порта кон европски пазар поради одличната географска локација и договорите за слободна трговија со ЕУ. Тој ги наведе нискиот и рамен данок од 10 отсто за персоналниот доход и за добивката и ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, како и постепеното намалување на социјалните придонеси. Потенцира дека Македонија силно инвестира во високото образование, а буџетските трошоци за образованието се подигнати на ниво од 6 отсто од БДП. На форумот се обрати и Раџив Капур, претседател и извршен директор на автомобилскиот гигант „Фиат Тата Индија“, кој посочи дека фактот што македонскиот премиер е лично присутен покажува огромна сериозност и посветеност што влева доверба кај индиските компании.
Своја презентација имаше и заменик-претседателот на Владата Зоран Ставрески, кој зборуваше за податоците на макроекономски план, за реформите во катастарот, како и за стабилноста на банкарскиот сектор. (МИА) |